Home » Во фокусот » Колку пари од реклами прават македонските веб портали?

Колку пари од реклами прават македонските веб портали?

При изработката на оваа аналза најголем предизвик ни претставуваше фактот да определиме кои портали ќе ги вклучиме во естимацијата имајќи го во предвид фактот што на пазарот има повеќе од 120 интернет медиуми кои се борат за “залак“ од огласувачкиот “колач“ во Македонија.

Голема помош добивме од најголемите медиски агенции кои ни асистираа во задачата да ги идентификуваме сајтовите кои се најзастапени во барањата на нивните клиенти и согласно на тоа најмногу пати вклучувани во нивните медиски планови. Затоа како репер кои сајтови ќе ги разгледувавме, тимот на Маркетинг365 се водеше од инпутот кои сајтови се најзастапени во комерцијалните огласувачки кампањи од агенциите кои ги застапуваат топ огласувачите во земјава.

Од анализта ги исклучивме компаниите кои стојат позади порталите на медиумите од друг тип (принт, ТВ, радио), порталите кои воглавно се финансиираат од донации и порталите чии издавачи се здруженија на граѓани. Дел од приходите на компаниите кои стојат позади сајтовите, доаѓаат и од други активности кои не се примарно поврзани со услугата “огласување“ и “сервиси“ на нивниот портал, па затоа од некои од сајтовите побаравме и “прочистување“ на вкупните приходи и одвојување на бројката потребна за оваа анализа. Им благодариме на сите агенции и портали кои несебично помогнаа и се вклучија во истражувањето.

Така, кога се разгледуваат приходите за 2017 година на 30-те најзастапени портали во комерцијалните огласувачки кампањи позади кои стојат вкупно 24 издавачи (по азбучен ред подредени: Емедиа Груп (Фемина и Гол), Црнобело Медиа (ЦрноБело), Ариес Медиа (Дерби), Дигитрон 365 (Маркетинг365) ДМС комуникација (Скопје Инфо), Виртувио (Пулс24),  Медиа Груп Мотика (Мотика), Спорт Инфо Медиа (Екипа),  Њу Медиа Комуникејшнс (Пресс24), Ем медиа (Курир), Еф-три (Факултети и Деца),  Иновативност (Иновативност), ИТЕА (Дејли), Кајгана Медиа (Кајгана) Кафе Пауза Медиа (Кафе Пауза), Клип Медиа (Макфакс, Грид, А1ОН, Репортер), ОНЛАИН Експерт (Бизнис Вести), Портал Њуз (МКД.мк), Скај Пресс (Центар), Тајм-Борг (Тајм),  Точка Медиа (Точка), Трендоленд (ОФФ.нет.мк), Фактор Портал (Фактор и Женски Магазин) и Честито Продукција (Паника.бе) се доаѓа до бројката од 121 125 499 денари или 1 969  520 евра – вкупни приходи за 2017 година.

Кога се споредуваат остварувањата во 2017 со претходната 2016 година, радува фактот што кај мнозинството сајтови (70% од сајтовите) е забележана подобра приходна страна – што значи дека инвестирањето во огласување кај мнозинството веб портали се зголемило.

Ако сакаме да направиме проценка за целиот дигитален огласувачки пазар, на оваа бројка од речиси 2 милиони евра вкупни приходи на топ 30-те најзастапени портали во огласувачките кампањи треба да се вкалкулираат и останатите буџети кои се издвојуваат за останатите портали, оние потесно специјализираните кои воглавно заработуваат од директни договори со компании и институции и секако оние што влегуваат преку некои домашни и странски адвертајзинг мрежи.

Сепак, иако бројките во домашниот дисплеј пазар забележуваат пораст во континуитет изминативе неколку години – тој е минимален и минорен во споредба со буџетите кои се одвојуваат на другите огласувачки канали, телевизијата пред се.

Чисто за споредба, во 2017 година ТВ Сител остварила приходи од 7,3 милиони евра, ТВ Канал 5 од 3,3 милиони евра а ТВ Алсат-М од 2,5 милиони евра. Значи секоја една од топ 3 телевизиите во Македонија има повеќе приходи од топ 30-те портали во Македонија заедно.

Дополнителен проблем за домашните портали претставува и се поголемиот замав на огласување на големите  светски платформи како Гугл и Фејсбук каде според естимациите на дел од агенциите веќе оди над 45% од вкупниот дигитален буџет а кај некои клиенти изнесува и +80%.

Овој негативен тренд на се поголемо одлевање на буџетите надвор од домашните веб портали кон Фејсбук и Гугл, единствено може да се забави со успешно завршување на процесите и иницијативите кои се насочени кон стандардизација, професионализација и поголема транспарентност на онлајн медиумите – Етичкиот Кодекс и трета независна страна за мерење и анализа на пазарот – што се очекува дека ќе даде поголема доверба и кредибилитет во онлајн огласувањето во земјава воопшто и повеќе мерливи параметри (потврдени од трета страна) за вкупниот досег на огласувањето и профилите кои се таргетирани.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365