За влијанието на несоницата врз професионалниот, приватниот и социјалниот живот, разговараме со г-ѓа Вера Цуракова, психолог со 37 годишно работно искуство во сите области на човековото ментално здравје.
М365: Познато е дека добриот сон е многу важен за човековото здравје, но понекогаш се случува едноставно да немаме квалитетен сон со денови. Кажете ни кои можат да бидат причините за несоница?
Вера Цуракова: Причините и за времената и за долготрајната несоница може да бидат многубројни и истите се одразуваат на сите животни аспекти. Најчеста причина е секојдневниот стрес кој има моќ да го дестабилизира целиот организам. Друга причина е промена на ритамот на спиење кој го пореметува внатрешниот часовник. Перманентната бучава која доаѓа од некои објекти како на пример кафулиња, дискотеки и слично, особено ако тоа се случува подолго време исто така може да биде причина за несоница. Екстремните температури исто така може да предизвикуваат несоница заради немоќ организмот, поточно нервниот систем да се адаптира. Некои луѓе не можат да поднесат промена на опкружувањето заради немоќ за брза адаптација на таа промена. Перманентниот премор исто така може да биде причина за несоница. Предозираност на организмот со кофеин како и ефектот на некои несакани ефекти од медикаменти може да го вознемират организмот и тоа да предизвика несоница. Продолжителната стресна состојба како и пострауматското стресно растројство прави несоница или сон со кошмари и сонување на еден исти сон врзан со траумата кој ја вознемирува личноста. Негативните и несреќните чувства како гневот, бесот, потребата за одмазда го држат организмот во будна состојба како последица на потребата да се ослободи од истите. Стравот го води организмот во анксиозност која е проследена со несоница. Хроничната физичка болка може да го премори организмот и да биде причина за личноста да не може спонтано да влезе во сон, а во последно време и честите алергии може да прават несоница. Исто така, несоницата може да биде предизвикана и од егзистенцијални и финансиски проблеми и не решени животни ситуации.
М365: Што се случува со нашиот организам кога нема да спиеме добро неколку денови?
Вера Цуракова: Секој организам оваа состојба различно ја поднесува. Во повеќето случаи организмот се дисхармонизира и влегува во состојба на физичка и психичка преоптовареност. Организмот се дестабилизира во својот органски и духовен дел. Хармонијата се губи и тоа се одразува на биохемиските процеси на нервниот систем. Повеќедневната несоница може да ја исцрпи личноста до степен да психотизира односно да добие симптоми карактеристични за психозите. Може да дојде во состојба на стеснување на свеста, може да се јават опсесивни мисли, личноста може да ја изгуби претставата за времето, просторот и односот кон себе, може да се јави дереализација, деперсонализација, како и халуцинации. Сите овие состојби може да бидат проследени со силна анксиозност која ако на време не се санира може да доведе и до панични напади.
М365: Вие како психолог сигурно можете да ни ги кажете штените последици на неосницата врз нашето психично здравје?
Вера Цуракова: Пред сѐ личноста ја губи моќта за нормално функционирање и вршење на дневните активности и токму заради тоа се јавува анксиозноста. Тоа е една мачна состојба на вознемиреност која е многу тешка за поднесување. Анксиозноста влијае на когнитивно-конативните процеси. Тоа значи дека кај личноста се намалува дострелот во однос на метата и тоа на сите полиња. Значи личноста не постигнува толку колку што може и има капацитет. Прво, во мнестичките функции односно во процесите на учење, помнење, мислење и репродуцирање токму заради стеснувањето на свеста. Понатаму, се губи иницијативата за социјална комуникација. Личноста нема интерес за социјални збиднувања и тоа прави таа да се повлече во себе и да си го стесни сопственото живеење.
М365: Што се случува со однесувањето и расположението на луѓето кои не спијат добро или доволно долго, генерално со луѓето кои имаат нарушен сон?
Луѓето кои не можат да заспијат, потешко заспиваат, често се будат, рано се будат или спијат, но после тоа не се чувствуваат одморени, стануваат со лошо расположение, уморни, апатични, не се организирани, немаат доволно енергија. Тоа се забележува во нивното однесување, во моќта за тимска и колективна работа како и во интерперсоналните односи. Личноста нема расположение за дружење, дотерување, за излегување и посета на културни настани. Манифестира невротично однесување и невротично доживување на работите. Раздразлива е, често конфликтна и склона кон кавги, а со таквото однесување ги неуротизира и останатите околу себе. Сé на сé, таквата личност станува не пожелна во околината, непожелна за работа и соработка.
M365: Според Вас кои аспекти на животот на поединецот кој страда од несоница се најпогодни?
Личностите кои страдаат од несоница многу често прават грешки и влегуваат од грешка во грешка. Заради недоспаност и намалена концентрација им се случуваат и повреди на работните места. Не можат сигурно да управуваат со возило па се случуваат и сообраќајни незгоди. Несоницата и недоспаноста во голема мера се одразува и во сексуалната сфера. Ова пак од своја страна влијае на Егото, односно на машкоста, но и на чувството на женственост. Се намалува самодовербата и самопочитта и личноста влегува во една општа неуротизирана состојба, а тоа е состојба од која тешко може сама да излезе и потребна е стручна помош, а понекогаш во некои ситуации потребна е дури и медикаментозна терапија.
М365: Што вели Вашето работно искуство, дали лошиот квалитет на сонот може да влијае на кариерата на луѓето?
Може и тоа како. Сето претходно кажано го пореметува целиот квалитет на живот и живеење. Градењето кариера бара многу енергија, откажувања, жртвувања. Значи самото тоа ја исцрпува личноста. Е сега кога на ова ќе се надоврзе и несоница, тогаш организмот е во голем физички и емотивен шкрипец. Личноста не само што може да стагнира туку може и да регресира и тоа додатно ја комплексира и фрустрира, ја прави анксиозна. Сето ова може трајно да го оштети квалитетот на општото живеење.
M365: Кои природни начини на справување со несоницата би им ги препорачале на читателите?
Секој кој страда од несоница треба да оди во кревет за да се одмори, а не да се притиска себе си да заспие. Притисокот и желбата да заспие дополнително го буди организмот. Наместо тоа, пред спиење треба да си даде еден краток временски период за припрема на организмот за заспивање. Да не се земаат напитоци со кофеин ниту алкохол. Да не се гледаат филмови со тажна и тешка содржина. Интернет да се следи повеќе денски, а не пред спиење. Пред спиење да не се земаат калорични оброци. Согласно можностите, викендите да се користат за престој во природа, на планина, во шума. Да се практикува спортување за да може организмот да се ослободи од заробената енергија или во најмала рака да се практикува пешачење и возење велосипед. А особено е потребно да се консумира здрава храна богата со витамини и минерали, како и да се земаат напитоци на природна база кои во себе содржат маточина и валеријана како природни супстанци за смирување. Од особена важност е организмот да има доволна количина на мелатонин, хормон кој има улога во регулирање на циклусите на сон и будност, кој може да се внесува преку храна, но исто така може да се внесува во организмот и преку суплементи кои содржат мелатонин.