Home » Во фокусот » Колумна на Наталија Тошева: “Маркетинг – модерната уметност во бизнис сферата“

Колумна на Наталија Тошева: “Маркетинг – модерната уметност во бизнис сферата“

НАУТРО

Денот на уметникот започнува со шолја топло кафе и свеж воздух на тераса. Следуваат моментите на спокој и ловење на енергичните искри во воздухот за да се започне денот на што е можно покреативен и енергичен начин.

Влегувањето на уметникот во своето ателје е момент на среќа, искреност и желба за произнесување на сопствените замисли, идеи на празното платно што е поставено пред него. Посегнувањето на палетата со бои и четката е моментот кога уметникот ја има веќе својата уметничка муза до себе и почнува да твори на свој единствен и специфичен начин. Секој уметник има различен стил, јазик на комуницирање, начин на творење и начин на изразување. Затоа, креативноста нема да биде уникатна и привлечна доколку се базира на исти замисли и идеи.

ПРЕТПЛАДНЕ

Креирањето на ремек делото се заснова на позитивната енергија која се чувствува од околината, од погледот кон прозорот до моментот кога сфаќаш дека една четвртина од денот поминала, а ти се чувствуваш како да е се уште утро. Фокусираноста, мотивацијата и губењето на временската рамка во процесот на творење се клучни елементи во достигнување на перфекционизам во работата.

Секоја нацртана линија, боја, ја означува разноликоста на уметникот. Оттука произлегува прашањето:

Дали е ОК да си поразличен од другите или е ОК да се преточиш и ти во еднобојната маса која понекогаш ги мами очите на јавноста?

Сатисфакцијата кога ќе се види своето дело готово и поразлично од другите е моментот кога сфаќаш дека одреден дел од себе е преточен во физичка форма. Сето тоа доведува до зголемување на самодовербата, и воедно одговарање на поставеното прашање – КУЛ е да си СВОЈ! Вечните дела не се паметат според нивната неразновидност, туку напротив според храброста да се произнесе својот став, мислење и креативност на свој начин и со целосна гордост.

ПОПЛАДНЕ

Чувството кога реализираното дело ќе се изложи во јавноста е полно со неизвесност, надеж и возбуда. Делото треба да ги има потребните карактеристики за да се придобие човечкото око, да ги натера луѓето да зборуваат за создадената композиција на елементи, и да се процени неговата уникатност и вредност. Нормално е секое дело да има свој износ, но треба да се процени дали одредени дела вредат за тој износ или се преценети. Некогаш, делата се потценети од јавноста но кога ќе се сместат истите во својот дом или друг омилен простор истите ќе добијат една безвременска рамка и тогаш ќе се дознае нивната вистинска вредност.

Моментот кога уметникот добива критика за усовршување на своето дело од критичарите е моментот кога уметникот треба да одлучи дали со конструктивната критика ќе се заокружи совршенството на неговото дело или ќе предизвика нарушување на неговата замисла и перспектива.

НАВЕЧЕР

Уметникот на крајот од денот за да ги зачува и овековечи овие среќни моменти застанува на тераса, вдишува и издишува со исполнета душа и знае дека своите 100% од себе ги претворил во уметничка магија. На крај, легнува со мирна глава полна со спокој, среќа и исполнетост и е спремен за утрешните креативни предизвици.

УМЕТНОСТ = МАРКЕТИНГ

Маркетингот е посебна уметност во бизнис сферата. Секоја идеја, секоја герила, секоја кампања е различна, надвор од поставените граници со цел да се постигне ефектот на безвременост и ефективност кај клиентите. Уметникот има своја муза како мотивација при творење, па затоа маркетарите ги имаат позитивната околина, насмеаните колеги и добрата музичка плејлиста :) сè она што е потребно за исполнет и екстра продуктивен ден. Без вклучување на тимот, не би постоел процесот brainstorming, визуелизација, не би постоела креативноста и сплотеноста на идеи. Заедно со тимот сме посилни за секој поставен предизвик и крајниот резултат е секогаш позитивен. Сите сме различни, но со своите различни карактеристики креираме нешто заедничко и уникатно што може да ги соедини нашите разноликости во дело, односно кампања за паметење. Секој твори на различен начин, секој има посебен јазик на комуникација и изразување и тоа е она што ги прави идеите и делата различни сами по себе, односно тоа е она што не истакнува од глобалната маса на луѓе.

Разноликоста нè прави ЧОВЕЧНИ, нè прави СВОИ, нè прави ЛУЃЕ!

Секој е УМЕТНИК на СВОЈ начин!

Автор: Наталија Тошева, Акаунт менаџер во Идеа Лаб www.idealab.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365