Home » Во фокусот » Колумна на Предраг Николовски: Генерација Z

Колумна на Предраг Николовски: Генерација Z

Пишува: Предраг Николовски

„Децата Зед“, генерацијата родени после „Millenials” т.е 1997 година го заслужуваат вниманието на сите маркетери и трговци бидејќи тие се оние кои во иднина ќе ја менуваат играта.

Овој пат како пример повеќе ќе ја користам индустријата во која работам, а тоа е автомобилската индустрија. Таа како една од најстарите трговски индустрии на модерното време, во последните децении најмалку го има променето моделот на трговија на своите производи. Иако производите драстично се променија, начинот на продажба остана ист. Се уште купувачот пред да се одлучи за купување на возилото мора физички да го допре и испроба. Он-лајн продажбата на автомобили со години е добра теорија која никогаш не стана пракса.

Генерацијата Z, се оние од кои се очекува да ја променат играта. Тоа се индивидуи кои растат рамо до рамо со интернетот. Се’ што прават е дигитално, од дружење со друштво, до учење во училиште, игри, забава, и сето тоа зависи од гаџетите кои ги користат.
Затоа, секој маркетер кој сака да комуницира со оваа генерација логично е тоа да го прави преку дигитални канали. Последните анкети и истражувања на студентите од оваа генерација низ светот покажуваат дека тие се многу по комплексни од сегашните маркетинг сфаќања за нив. Претходните генерации како „Millenials” во „дигиталната комуникација “ гледаа нешто возбудливо и ново, за Ген Z ова е сосем нормално. Значи Ген Z се до толку навикнати на дигиталните огласи што развиваат способност да ги игнорираат (ad blindness). Секој маркетер би рекол за најлесно да дојдеш до оваа категорија тоа би биле социјални мрежи, но тоа не е комплетно точно. Со податоците од истражувањето “UNiDAYS” имаме факти кои велат дека за Ген Z  се поефектни надворешните дигитални места за огласување. Преку социјалните медиуми Ген Z ги добиваат вестите. Тие се спремни да платат за апликација, доколку со неа ги исполнуваат нивните лични цели. Преферираат да читаат hard-copy наспроти дигитален формат книга. Ген Z ретко гледаат телевизија и оваа категорија е комплетно заменета со „on-demand“ платформите, како Netflix.

Тие пребаруваат, анализираат, споредуваат и истражуваат он-лајн, но не се откажуваат од непосредното купувачко искуство. Затоа оваа генерација сака да купува  лице во лице во не-традиционални услови како на специјални изложби, Pop-Up shop настани и неконвенционален тип на продавници. Тие се информираат преку социјалните медиуми, го истражуваат производот и НЕ го нарачуваат он-лајн (let the war with e-commercilasts start)J.  Добро информирани, Ген Z потрошувачите се  упатуваат точно на местото каде што знаат дека ќе можат да го погледнат, испробаат и да го купат производот..

Интересно е што за разлика од претходните генерации кои ќе ги проверат сите можни локации каде може да се најде бараниот производ (и под дрво и под камен), Ген Z оди само на 2 до 3 места каде што сигурно производот е достапен.

Како би изгледало ова? Г-дин Ген Z пристигнува во салон за автомобили со својот е-скутер (нормално) го дипли и влегува во салонот. By the book, продавачот првите минути го остава клиентот за да види кон кој производ ќе се движи пред да му пристапи. Овој тип на клиент знае конкретно за што дошол. Тој веќе е внатре во автомобилот каде што ги опипува материјалите на возилото. Продавачот воочува дека купувачот веќе знае што бара. Во некои случаи се претпоставува дека купувачите од Ген Z ќе бидат поспремни со информации и факти од самите професионални продавачи. Спомнав дека Ген Z оди само на неколку места од каде потенцијално набавува и тука предизвикот за луѓето од продажба е уште поголем. Притоа за  продажбата да биде успешна од огромна важност ќе биде искуството и емоцијата која ќе ја добие Ген Z. Затоа точките на продажба мора да бидат опремени да овозможат тестирање на сите технологии и својства како virtual и augmented reality, достапност на целосната палета која ја нуди брендот. Атмосферата која ќе ја овозможи просторот и персоналот се со цел да се постигне максимално позитивно искуство. Креативните начини на финансирање ќе имаат многу важна улога за кои исто така Ген Z ќе бидат претходно информирани. Секоја дополнителна погодност која продавачот би ја извадил од ракав би била можеби одлучувачка во изборот. Што повеќе информации, тоа подобро. Овие купувачи ќе истражуваат, ќе бараат луѓе со претходно искуство, ќе гледаат видеа за производот. Нема ништо што може да се сокрие.

Повеќе од претходните генерации, на Ген Z им е важен светот и она што го застапуваат брендовите. Секој што сака да комуницира со нив ќе треба да користи балансиран пристап бидејќи им значи суштината на пораките.

Тие се дигитална генерација со важни традиционални вредности, а тоа е нешто што ни дава надеж дека она што е квалитетно ќе продолжи да се применува и надградува.
Се гледаме во иднината! ✌

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365