Komunicira.me е апликација која ќе ја сруши комуникациската бариера помеѓу лицата со оштетен слух и остатокот од светот. Оваа бесплатна апликација им овозможува на сите поединци да комуницираат со лицата со оштетен слух и да го научат македонскиот знаковен јазик. Ќе им овозможи интеграција на лицата кои комуницираат со овој јазик во рамките на институциите, работното место и неформалното окружување.
Апликацијата е изработена од учесниците на Академијата за програмирање на Brainster, како дел од нивната едукација преку работа на реален проект. Новитетот кој Brainster го воведува од оваа година, е учесниците за време на 28 неделната Академија за програмирање да изработат 3 платформи кои ќе помогнат во решавањето на одреден социјален проблем. Освен тоа што на овој начин ќе научат да програмираат, ќе креираат продукт кој ќе го вметнат во своето портфолио, ќе придонесат за заедницата и ќе се вработат како програмери.
Веруваме во тоа дека технологијата е тука за да го направи светот подобро место за живеење и да креира можности кои претходно не постоеле.
Оваа апликација ќе направи уште еден чекор поблиску до инклузивно општество во кое преку технологијата, ги задоволуваме потребите на сите поединци. Преку овој начин на работење сакаме да инспирираме емпатија кај идните програмери – претприемачи, кои ќе ја продолжат оваа практика во иднина.
Апликацијата komunicira.me е целосно изработена од учесниците на Академијата за програмирање на Brainster: Марко Доновски, Оливер Божиновски, Горан Воиновски и Панче Димовски. Изработена е во соработка со наставничката Викторија Волак, учениците Мимоза Далили и Филип Лефков и директорот Блаже Митев од Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски” Скопје – училиште за средно стручно образование на ученици со оштетен слух. Поддржана е од Националниот сојуз на глуви и наглуви на Македонија, а дигиталната содржина е креирана од NewMediaMk.