Спој на турската традиционална музика и современата џез музика ќе слушне публиката во Скопје и Гостивар на 5 и 6 декември на бесплатниот концерт наречен „Виорот на Анадолија“. Скопје е прва станица од 11-те градови низ Балканот каде што музичарите Анил Шалиел, саксафонист и Мареечи Асу, на деф ќе настапат. На денешната прес-конференција, што ја организира Турски културен центар „Јунус Емре“ од Скопје беше најавен концертот во кој ќе биде оживеан духот на легендарните доајени – уметниците Ашик Вејсел и Зеки Мурен.
Директорот на Центарот, Ариф Конак, истакна дека во последните шест месеци колку што го води Центарот, за него е голема чест да се доближи турската култура кај македонскиот народ.
-Концертот „Виорот на Анадолија“ ќе биде големо завршување на годината со двајца извонредни музичари од Турција. Шест месеци сме посветени на овој проект. Прва станица на овој концерт ќе биде Скопје. Џезот е западна култура, ама овие извонредни музичари на прекрасен начин ќе направат убав спој со традиционална турска музика – рече Конак.
Младиот Анил Шалиел вели дека е пресреќен што ќе може да ја претстави турската музика во Македонија.
-Ја започнуваме турнејата од еден многу важен град. За мене ова е остварување на еден сон. Мојата музика стана тема за докторски студии на многу универзитети. Турската музика е многу стара и доаѓа од османлискиот период, џезот е понова музика за Турција. Ветуваме час и половина визуелен концерт со многу убава приказна. Користиме стари снимки од Ашик Вејсел, во нов аранжман. Ќе чуете поезија и од Јунус Емре и Мевљана. Ова нема да биде само музичка претстава, туку театарска презентација. Со нас ќе имаме многу добри изведувачи и ветуваме дека ќе бидете одушевени. Колку да ја објаснувам музиката, нема да можам да ви доловам. В четврток пред вас ќе бидеме музичари – рече Шалие. Тој додава дека е благодарен на сите што помогаат да се реализира овој проект.
Џез не е само музика од звуци, таа е музика што треба да се разбере. Треба да ставите свое јас во музиката, рече Мареечи Асу. – Почнавме со суфи музиката, после работевме да ја направиме модерна. Суфи го споив со рок музиката, а подоцна со Анил турската мкзика ја споивме со џезот. На многуте состаноци разговаравме како старата турска музика да стане модерна верзија. Музиката го прикажува нашето минато, но и сегашност. Не треба да се заборават корените. Мене музиката ми легна на срце, се надевам дека и на публиката во Скопје – рече Асу.
Музичарите се осврнаа и на влијанието на звуците од чаршијата врз нивното творештво и колку е важно луѓето да уживаат во природните звуци. -Кога шетате низ чаршијата, ќе чуете секакви звуци од дуќаните, велат музичарите.
Асу потсети на големиот поет Мевљана. – Кога Мевљана шетал во чаршија, во улиците каде се ковало злато, за него тоа биле звуци на музика. Тој почнал да се врти. Тогаш неговите чираци велеле: Тропајте додека не застане. Човекот уште во мајчиниот стомак се запознава и се раѓа со музиката. Детето плаче кога ќе се роди, ама се смирува кога мајката го става покрај срцето. Вистинска природна музика е лек. Се надеваме дека нашата музика ќе ви биде лек – рече Асу.
На прашањето дали ја следат македонската музика, Шалиел го издвои Џамбо Анѓушев и истакна дека има чувство дека овде музичарите добиваат добро музичко образование. Тој ги покани сите да дојдат на концертот во скопје.
Анил Шалиел (31) ја делел истата сцена со многу поп ѕвезди и џез уметници и учествувал во речиси 2000 студиски снимања. Соработувал со многу музички ѕвезди: Сезен Аксу, Волкан Конак, Едис, Илиас Јалчинташ, Харун Колчак, Бурај, Гоксел, Теоман, Јалин, Фунда Арар, Мехмет Ердем, а во џез концепт: Истанбул Супербенд, Натали Кол, Николa Конте, Ентони Стронг, Дејв Векл, Раул Мидон, Ди Ди Бридџвотер, Кели Сае, Омар Лај Фук, Јондер Фочан, Ашкин Арсунан, Исмаил Сојберк, Нурхат Шенесли, Адил Максутовиќ, Севда Алеќперзаде, Роја…
На летовите на Turkish Airlines, светот имаше можност да го слуша Анил Шалиел во текот на 5 години, секој ден, секој час и во секоја земја.
Неговото музичко искуство не е ограничено само на џезот кој го слушал и учел од мали нозе, туку исто така е многу запознаен и со музиката на неговите родни краишта. Со големата музичка компанија Warner Music, заедно со 15 уметнички пријатели, тој го издаде својот трет албум со учество на уметници како што се: Дедублуман, Елиф Бусе Доан, Тугче Кандемир, Мелек Мосо, Корај Авџи, Мелис Фис, Сакилер и други.
Мареечи Асу е меѓународно признат уметник и учител кој се истакнува во магичниот свет на мистичната музика и деф уметноста. Во својата уметничка кариера, со желба да ги изрази длабочините на душата преку музиката, учествувал во бројни албуми на мистична музика и реализирал заеднички проекти со важни уметници во својата област.
Мареечи Асу настапувал на концертни сцени низ целиот свет, поканувајќи ги слушателите на внатрешно патување. Меѓу неговите уметнички дела се вклучени албуми како што се „Гхаландар”, „Хајале Мест”, „Руми”, „Ребел Суфи”, „Шамс Ху”, „Захит Бизи Тан Ејлеме”, „Аман Хеј Еренлер” и „Духот на Огнот”, кои ги откриваат неговите длабоки музички визии и мистични разбирања.
Мареечи Асу не е само уметник, туку и учител кој одржува обуки за човечката душа и ум. Со нудење обуки за духовна свесност, ментална рамнотежа и лична трансформација, ги води поединците да го откријат својот потенцијал. Комбинирајќи ја својата уметност и наставништво, Мареечи Асу продолжува да инспирира луѓе и на сцената и во областа на обуките, како уникатен водич кој продолжува да ја шири мистичната настава и универзалната свест.