На 16 декември во Кинотека на Македонија во Скопје ќе се одржи Конференцијата за креативно здружување во организација на Плакарт – Здружението на дизајнери.
Конференцијата има за цел да поттикне креативни идеи и формирање хабови- заедници, а воедно и да влијае на развојот на креативните индустрии.
„Конференцијата ќе се фокусира на прашањата кои ги засегаат уметниците и дизајнерите од Македонија – како подобра заштита на авторските права, прилагодување на новите услови на работа во ерата на дигитализацијата, запознавање со државните политики за поддршка на креативниот сектор и потребата од креативно образование – кое е предуслов за зголемување на атрактивноста на проектите и производите. “ – истакна Лазе Трипков, претседателот на Плакарт, организаторот на конференцијата.
Во 3те конференциски сесии учество ќе земат претставници на Министерството за култура на Република Македонија, претставници од Британски cовет и од Creativе Dundee – Линзи Смит и Џилиан Исон, како и лидерите на креативни проекти од поширокиот регион Љубо Георгиев – One Architecture Week од Софија, Мета Штулар – RogLab од Љубљана и Реља Бобиќ – Nova Iskra од Белград.
По завршувањето на конференцијата ќе се одржат и работилници на тема формирање хабови и креативно здружување со целни задачи дизајнирање на визијата за креативниот сектор во Скопје во 2025, креирање детален план за формирање креативен хаб и негово спроведување.
Поддржувач на оваа конференција се Министерството за култура на Република Македонија, Британскиот совет во Македонија и Кинотека на Македонија.
Учеството на конференцијата е бесплатно, а пријавувањето може да ги направите на следниот линк: http://skopjeposter.com/mk/nastani/ На истиот линк може да ја најдете и целосната програма на конференцијата.