Амбасадата на Јапонија во Скопје објави повик за дизајн на лого со цел прослава на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Македонија и Јапонија.
Целта на овој натпревар е вклучување на дизајнерската заедница, професионалците од областа на графичкиот дизајн и уметниците, креативните ентузијасти и воопшто младите таленти во Македонија, со цел да се создаде дизајн кој ќе ја долови суштината на овој многу важен пресврт во односите помеѓу двете земји.
Концептуалното решение треба графички и симболично да го покаже пријателството помеѓу Македонија и Јапонија и заедничките вредности кои тие ги споделуваат. Дизајнот ќе се користи на печатени документи и брошури, како и на веб-сајтови и социјални медиуми.
Највисоко оценети ќе бидат оние идејни решенија кои ќе бидат едноставни, модерни, но со значење. Изборот ќе биде направен од претставници на јапонската амбасада во Македонија.
Секој учесник може да поднесе едно или најмногу три идејни решенија. Концепт-решенијата се поднесуваат на електронската адреса contact@sk.mofa.go.jp, не подоцна од 20 октомври 2023 година (полноќ). Покрај концептуалното решение, неопходно е да се наведат податоци за креаторот – име, презиме и телефонски број за контакт. Апликацијата исто така треба да вклучува краток опис за поднесениот дизајн и неговата инспиративна основа.
Основни технички барања:
– Графички предлог за лого и неговите предложени употреби (Логото треба да биде во векторски формат);
– Независно авторство на сите елементи – ако се користат дополнителни елементи, тие, исто така, треба да бидат поднесени како посебни графички елементи.
Ако фајлот надминува 10MB треба да се користи надворешен линк за преземање.
Препорачани графички формати: .pdf .ai, .png;
Со поднесувањето на дизајнот, апликантите се согласуваат дека авторските права на победничкиот дизајн се префрлат на Амбасадата на Јапонија, овозможувајќи ѝ негово користење, изменување и дистрибуирање за промотивни и славенички цели.