Американската медиска компанија Bloomberg лансираше нова кампања насловена “Context Changes Everything” („Контекстот менува сѐ“), со која се позиционира како водечки снабдувач на факти, податоци и контекст во медиумскиот простор.
Кампањата е изградена околу три кратки спотови кои третираат различни теми. Во првиот спот насловен “Песок”, нараторот ја предупредува публиката за сè помалото снабдување со песок на планетата, укажувајќи на тоа како датабазите и известувањето на Bloomberg можат да ѝ помогнат на јавноста да го разбере проблемот.
Вториот филм „Канцеларија“ се осврнува на нееднаквоста во платите на работното место помеѓу мажите и жените, укажувајќи на податоците кои велат дека затворањето на јазот во платите може да ја поттикне економијата во целина.
Третиот филм, насловен „Вештачка интелигенција“, се осврнува врз проблемите во американскиот здравствен систем, притоа укажувајќи на тоа како вештачката интелигенција може да им помогне на луѓето за надминување на тие проблеми во иднина.
Во сите три спотови, фокусот е насочен кон важноста на тоа податоците и фактите да бидат поставени и презентирани во контекст кој дава сеопфатна слика за третираниот проблем и неговите потенцијални решенија. Секој од спотовите завршува со речениците: „Контекстот го менува начинот на кој ги гледате работите. Контекстот го менува начинот на кој ги менувате работите. Контекстот менува сè.“
Кампањата е создадена во соработка со креативната агенција Wieden+Kennedy New York.