Фејсбук соопшти дека од корисниците ќе бара да прифаќаат таргетирани реклами и огласи како услов за користење на услугите кои ги нуди компанијата. Станува збор за помош во одржувањето на компанискиот бизнис модел во голема мера непроменет и покрај новиот закон за заштита на приватноста кој наскоро ќе го воведе Европската унија.
Од следниот месец, стапува на сила законот во државите од ЕУ со кој се гарантираат најголемите промени на приватноста уште од почетокот на интернетот. Компаниите се соочуваат со големи парични казни доколку собираат или користат податоци за корисниците без нивна дозвола.
Роб Шерман, заменик директор за приватност во Фејсбук, изјави дека оваа социјална мрежа од денес ќе започне да бара дозвола од Европејците за различните начини на кои Фејсбук ги користи нивните податоци, но нагласи дека нема да може да се избегне таргетираното огласување и реклами.
„Корисниците на Фејсбук ќе можат да го ограничат типот на податоци кои што огласувачите ги користат за таргетираните реклами, но сите огласи на Фејсбук веќе се во некоја мера таргетирани, а тоа важи и за офлајн огласувањето“ истакна Шерман.
„Екрани на дозвола“ е техниката која ќе ја користи Фејсбук, а станува збор за страници исполнети со текст за кои е потребно да се притисне копче за да се продолжи понатаму, а служи за известување и добивање одобрение. „Екраните ќе се појавуваат на страницата на Фејсбук и на апликациите за паметен телефон во Европа од неделава, а глобално ќе бидат достапни во текот на наредните месеци” заклучува Шерман.