Американскиот прехрамбен гигант Kraft Heinz соопшти голема реорганизација со план да се подели на две одделни, јавно тргувани компании. Раздвојувањето, кое беше едногласно одобрено од бордот на директори, се очекува да биде комплетирано во втората половина на 2026 година. Раководството вели дека овој потег ќе овозможи појасен стратешки фокус и ќе ја намали комплексноста на работењето.
Едната нова компанија ќе биде Global Taste Elevation Co., изградена околу меѓународното портфолио на Kraft Heinz. Со добро познати брендови како Heinz, Philadelphia и Kraft Mac & Cheese, овој бизнис ќе се насочи кон сосови, намази, зачини и трајни готови оброци. Во 2024 година, овој сегмент остварил продажби во вредност од 15.4 милијарди долари.
Втората компанија, North American Grocery Co., ќе се фокусира на основни прехранбени производи на пазарите во САД и Канада. Нејзиниот асортиман ќе ги вклучува Oscar Mayer, Kraft Singles и Lunchables, брендови кои се лидери во своите категории. Во 2024 година овој сегмент остварил продажби во вредност од 10.4 милијарди долари и 2.3 милијарди долари добивка.
Иако раздвојувањето се очекува да донесе дополнителни трошоци до 300 милиони долари, од Kraft Heinz сметаат дека тие ќе бидат надоместени со зголемена ефикасност и насочени инвестиции. Двете компании планираат да го задржат кредитниот рејтинг од инвестициска класа, а сегашното ниво на дивиденда ќе остане непроменето за акционерите.
Според раководството на компанијата, раздвојувањето ќе овозможи секој деловен сегмент поефикасно да ги насочи ресурсите, да ги поедностави операциите и на крајот да оствари посилни резултати. „Овој потег обезбедува двете компании да имаат фокус и флексибилност за целосно да го отклучат својот потенцијал“ – се заклучува во соопштението на компанијата.