Американската компанија за прехрамбени производи Kraft, позната по својот бренд на „макарони и сирење“ (Macaroni & Cheese), се здружи со производителот на сладолед Van Leeuwen за да создаде уникатен сладолед со вкус на макарони и сирење.
Производот беше лансиран вчера, 14 јули, при што заинтересираните потрошувачи кои живеат во близина на Плоштадот на Унијата во Њујорк имаа можност да го пробаат бесплатно, а сите оние кои живеат на други локации – да го купат во најблиската продавница на Van Leeuwen по цена од 12 долари по пакување.
Побрзо од очекуваното, сладоледот беше целосно распродаден за само еден ден.
„Знаеме дека не постои ништо поосвежувачко на топол летен ден од сладолед. Затоа сакавме да ги комбинираме двете најиконични утешни јадења и да создадеме сладолед со незаборавниот вкус на макарони и сирење на Крафт со кој сме пораснале,“ истакна Емили Вајлет, постар бренд менаџер во Kraft Macaroni & Cheese.
Според Kraft, причината поради која се одлучиле на партнерство токму со Van Leeuwen е нивната уметничка селекција на сладоледи, создадени само со одбрани и висококвалитетни состојки без вештачки вкусови, бои и конзерванси, исто како и нивните макарони и сирење.