За време на нејзиното 70-годишно владеење, кралицата Елизабета Втора издала стотици британски кралски сертификати кои претставуваат официјални признанија дека некој бренд испорачува стоки или услуги за кралското семејство.
Ваквиот сертификат им овозможува на брендовите да се претставуваат себе си како „кралски“, преку прикажување на кралскиот грб на нивните пакувања како потврда за поврзаноста на нивните производи со Бакингемската палата.
Меѓутоа, по смртта на кралицата, сите кралски сертификати издадени за време на нејзиното владеење стануваат неважечки, а на 100-те засегнати компании им се дадени две години да побараат повторно именување или да ја стопираат употребата на кралскиот симбол на нивните пакувања.
Иако компаниите би можеле да бидат разочарани од повлекувањето на сертификати, ситуацијата можеби и не е толку катастрофална како што се чини, со оглед на тоа што брендовите мора да бараат обнова на сертификатот на секои пет години. Всушност, секоја година се доделуваат околу 30-тина нови кралски сертификати, а на сличен број брендови тој статус им се укинува.
Меѓу брендовите кои досега го носеа кралскиот сертификат се наоѓаат Heinz, Coca-Cola, Unilever, Selfridges и Johnnie Walker. Целосната листа на „кралски“ брендови е достапна на следниот линк.
Интересно е што неколку брендови успешно ги задржуваат сертификатите низ владеењето на последователни монарси. На пример, британските супермаркети Waitrose првпат добиле кралски сертификат од кралот Џорџ V во 1928 година за да ги снабдуваат кралските резиденции со намирници и хигиенски материјали, а оттогаш не се симнати од листата на носители на кралски сертификати.
Останува да видиме дали кралот Чарлс III ќе ги додели кралските сертификати на истите компании избрани од неговата мајка, или ќе постави сопствени стандарди за нови брендови.