Овие 26 решенија ги содржат сите елементи што беа пропишани во условите за учество на отворениот повик кој траеше од 18 јули до 1 септември годинава. Согласно критериумите на јавниот повик се бараше изработка на предлог дизајн за амбалажата за слатко од седум видови на овошје од асортиманот на „Јоми фуд“,ексклузивно пакување и промотивен постер.
Пристигнатите решенија ќе ги разгледа жири комисија составена од претставници на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – “Браво Сине!“ и Skopje Design Week (SDW) под шифрираниот редослед. Во финалната фаза на избор исто така ќе биде вклучен и претставник на производителот.
„На наше огромно задоволство младите дизајнери покажаа голем интерес за оваа несекојдневна можност, но што е уште поважно покажаа и одличен потенцијал и креативност. Нашата цел беше да креираме услови каде младите креативци ќе добијат шанса да работат и тој труд да биде вреднуван, да го поттикнеме интересот кај компаниите за брендирање на производите, а заедницата да добие додадена вредност и подигната свесност за потребата од естетика во секоја смисла. Исто така, домашниот креативен потенцијал, да го поврземе со домашниот производ, создавајќи убава приказна и за бизнисот и за заедницата“, изјави Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста, Иво Лауренчиќ – „Браво сине“.
Победничкото решение ќе биде јавно соопштеново втората половина на септември, а дел од креативните решенија што влегоа во потесен избор ќе бидат изложени на овогодинешното издание на Skopje Design Week.
На годинашното издание на Skopje Design Week, што ќе се одржи од 23-ти до 28 септември, посетителите ќе имаат можност да видат дел од креативните решенија што влегоа во потесен избор, кои ќе бидат изложени во посебно означен простор на Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ – „Браво Сине“.