„Превртениот свет“ влегува во реалниот свет, на повеќе начини од еден!
Браќата Дафер, познати како креатори на популарната играна серија Stranger Things на Netflix, основаа сопствено продукциско студио кое го именуваа како “Upside Down Pictures”, според алтернативниот „превртен“ свет исполнет со хорор во Stranger Things.
Мет и Рос Дафер навлегуваат подлабоко во нивното партнерство со Netflix за да испорачаат нови филмски и телевизиски проекти на корисничките екрани. На чело на компанијата е назначена Хилари Левит, која инаку учествувала во развојот на сериите Orphan Black и Ozark.
Во соопштението за јавноста, браќата Дафер истакнуваат дека продукциското студио ќе „создава такви приказни што ги инспирирале самите нив додека растеле – приказни што се случуваат на прекрасната крстосница каде што обичното се среќава со извонредното, каде што големиот спектакл коегзистира со интимните ликови, каде што срцето победува над цинизмот“.
Нивното соопштение е проследено со логото на Upside Down Pictures – морничава визија за поп културата од 80-тите, создадено од дизајнерското студио Imaginary Forces.
Брендингот потполно се вклопува во естетиката на Stranger Things, со својот „аналоген“ стил и „злобен“ сјај. Од Imaginary Forces велат дека логото црпи инспирација од „старите хорор филмови и класичните фантастични романи на Стивен Кинг“, заедно со естетиката на научно-фантастичната серија на Netflix. Сосем разбирливо, текстот “Upside Down” е испишан наопаку со цел да го означува паралелниот, превртен свет.