Додека гласовните команди го земаат главниот збор во светот на лични асистенти, агенција МРМ//McCann одлучи да лансира асистент за оние кои зборуваат еден поинаков јазик.
Германското здружение на млади луѓе со оштетен слух и агенцијата MRM // McCann го лансираа SIGNS, првото решение за паметни гласовни асистенти за глуви и наглуви луѓе ширум светот.
SIGNS е паметна алатка која го препознава и го преведува знаковниот јазик во реално време, а потоа комуницира директно со избраниот гласовен асистент (Amazon Alexa, Google Assistant или Microsoft Cortana).
Во свет во кој со помош на гласовни команди го палиме светлото, премотуваме музика или бараме најнова временска прогноза, SIGNS носи инклузија во дигиталната ера, бидејќи околу 466 милиони луѓе во светот страдаат од губење на слухот.
Оваа паметна алатка се базира на систем за машинско учење, способен за препознавање на гестови на телото со помош на интегрирана камера. Овие гестови потоа се претвораат во формат на податоци кои ги разбира избраниот гласовен асистент. Алатката SIGNS работи на било која платформа која содржи пребарувач и има вградена камера (лаптопи, таблети).
Врз основа на предвидувањата на Гартнер дека до 2020 година, 30% од интеракциите со уредите ќе се извршуваат без екран (односно со глас), агенцијата MRM//McCann одлучи да го ангажира својот LAB13 во Франкфурт, со цел заедно со здружението на млади луѓе со оштетен слух да ја развијат алатката SIGNS и да создадат свест за инклузија и пристапност во дигиталната ера.
Според Светската здравствена организација, околу 466 милиони луѓе во светот страдаат од губење на слухот, а 34 милиони од нив се деца. Се проценува дека до 2050 година над 900 милиони луѓе во светот ќе страдаат од губење на слухот.
“Дигиталната ера има многу можности за инклузија, но во исто време се соочува со тешки предизвици за одредени групи, како што можеме да видиме кај гласовните асистенти и лицата со оштетен слух. SIGNS претставува голем чекор напред, кој ќе ни овозможи пристап до најновите технологии”, рече Мишел Мохринг, претседател на германското здружение на млади лица со оштетен слух.
“Нашата амбиција е да им помогнеме на лицата со оштетен слух и да им го олеснеме пристапот до новите технологии, особено сега, кога гласовните асистенти се присутни во нашите домови, нашите автомобили и во нашето слободно време. Сега го лансиравме првиот прототип, но нашата цел е да создадеме целосно достапна апликација чие користење лесно ќе го научат лицата со оштетен слух низ целиот свет. Следниот чекор во проектот е да се зголеми вокабуларот на SIGNS и да се научи на повеќе јазици – во соработка со нови партнери од целиот свет”, изјави Мартин Биела, ECD, MRM // McCann Франкфурт.