Со оваа „револуционерна“ кампања „Крикет Австралија“ најави комерцијално партнерство со австралискиот бренд на дезодоранси и антиперспиранти Рексона
Според договорот, за време на домашните натпревари, судиите ќе носат маици со логото на брендот Унилевер под ракавите.
Рексона наведува дека на овој начин „сакаат да го освежат“ рекламниот простор на нов начин.
Маиците на играчите се полни со спонзорски логоа, а новината за прикажување на логото под пазувите ќе биде претставена за прв пат во 10-тата сезона во крикет, на натпреварот помеѓу екипите „Hurricanes“ и „Sixers“.
Се верува дека употребата на пазувите на овој начин заради подобар пласман на производите е прва во светот.
Во изјавата на „Крикет Австралија“ се вели дека брендот Рексона е свесен за потребите на играчите и дека сака да ги заштити за време на часовите што ги минуваат во летните жештини.
Сепак, некои изразуваат загриженост поради ставањето на судиите во центарот на вниманието.
„Крикетот е прилично сериозна игра. Во центарот на сето тоа е судијата. Добриот судија честопати останува незабележан – тоа е дел од судискиот занает. Ставањето маркетинг трик под пазувите, иако е смешен, но и паметен потег, всушност ризикува да ја намали сериозноста на некој што всушност има многу тешка работа“, изјави Робин Канифорд, експерт за спортски маркетинг од Универзитетот во Мелбурн.
Сличен маркетинг трик беше применет за време на еден боксерски натпревар во 2000 година, кога боксерот од аутсајдерски ранг, Џулиус Франсис, се соочи со Мајк Тајсон во Манчестер.
Тогаш Франсис носеше лого на весник на долниот дел од ѓонот на обувките, очекувајќи дека кога Тајсон неизбежно ќе го собори, брендот ќе биде видлив.
Френсис беше соборен пет пати во рок од четири минути, а рекламата „вредеше за исплатените пари“.
Алек Дервин, главен креативен директор на рекламната агенција БМФ, рече дека кампањата на Рексона може да биде подеднакво успешна.
„Тоа е навистина едноставен и директен начин на рекламирање, а фактот дека логото ќе биде скриено во поголемиот дел од играта, а потоа ќе се открие кога судиите ќе ги кренат рацете, го прави неговото влијание уште посилно, особено имајќи предвид дека пазувите се местата кои се најповрзани со Рексона“, објасни Дервин.
Договорот на Крикет Австралија со Рексон е последниот во низата комерцијални партнерства што организацијата ги обнови или започна. Ваквите активности се очекува да генерираат рекордни 70 милиони долари во спонзорства ова лето и покрај финансиските тешкотии што ги донесе пандемијата на корона вирусот.