По најавата на Дизни за проширување на своите стриминг услуги во 42 земји од Европа, Блискиот Исток и Африка, меѓу кои и Македонија, компанијата лансираше и нова кампања наменета токму за новиот пазар.
Во централниот спот на кампањата насловена „Куќата на Дизни“, компанијата ја замислува понудата на стриминг-сервисот Disney+ баш како куќа, или поточно речено – зграда.
Притоа, секој од становите во таа зграда претставува поглед во разноликиот репертоар кој платформата им го нуди на своите гледачи – „приказни кои ги очекувате, и приказни кои не ги очекувате“, како што посочуваат од Дизни.
Од „Приказна за играчките“ до Симпсонови, од „живи мртовци“ до Кардашијанки, а секако и „Војна на ѕвездите“ – сите хармонични станари во куќата на Дизни.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Leo Burnett London и продукциската куќа ProdCo.