Со почетокот на новата година започна со работа и новиот веб-сајт посветен на македонскиот лого дизајн, кој ќе биде познат под креативното име Logomotiva.mk.
Корените на веб-сајтот влечат уште од 2008 година, кога Небојша Гелевски – Бане го основал блогот RetroMK, посветен на сите работи поврзани со македонскиот дизајн.
Потоа, во 2015 година, заедничките напори на Небојша Гелевски, Александар Гижаровски и Немања Трајковиќ доведоа до основање на Фејсбук групата „Логомак“, која потоа била ребрендирана во „Логомотива“. Оваа група брзо еволуираше во динамичен простор за поттикнување дискусии во македонската заедница на графички дизајнери.
Следната етапа во оваа иницијатива беше основањето на поструктурирана платформа за истражување и славење на извонредноста на македонскиот лого дизајн. Па така, се роди Logomotiva.mk!
Оваа прецизно курирана веб-страница, заедно со соодветните страници на социјалните мрежи Инстаграм и Фејсбук, има за цел да ја претстави еволуцијата на македонскиот лого дизајн со текот на времето. Целта, како што велат основачите, е обезбедувањето инспирација за дизајнерите, историчарите и ентузијастите.
„Придружете ни се на ова возбудливо патување додека истражуваме во визуелните наративи на македонскиот графички идентитет, брендови и култура. Без разлика дали сте искусен дизајнер, нов уметник или едноставно некој заинтригиран од светот на логоата, Ве покануваме да бидете дел од нашата заедница. Споделете ги вашите сознанија, придонесете со вашето знаење и се надеваме дека заедно да ја прославиме убавината на македонскиот лого дизајн!“ – истакнуваат од Логомотива.