Популарниот бренд на чипс Lay’s се здружи со стриминг платформата Netflix со цел промоција на своите три нови вкусови за саудискиот пазар, инспирирани од хит-серијата “La Casa de Papel” (поточно нејзината корејска варијанта “Money Heist: Korea – Joint Economic Area”).
Во централниот спот на кампањата гледаме група луѓе облечени како крадците од популарната играна серија, кои во овој случај не напаѓаат банка или нешто слично, туку фабриката на Lay’s во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија.
Притоа, натрапниците не крадат ништо, туку се зафаќаат за работа – создавајќи чипс во три нови вкусови. Вкусовите кои брендот ги претстави се именувани според кодните имиња на ликовите во серијата – The Professor (односно вкус на Kimchi Noodle), Tokyo (односно Wasabi & Ginger) и Denver (односно Spicy Ranch).
Кампањата се реализира во неколку фази во последните три месеци, отпочнувајќи со имитации на заложни ситуации во маркети, со поставување на билборди и со „мистериозни“ активности на социјалните мрежи. Следната фаза се состоела во лансирањето на главниот телевизискиот спот со неколку проследни спотови на „сведоштва од очевидци“. Третата и последна фаза на кампањата предвивува делење на промотивни примероци на различни локации ширум државата.
Кампањата се реализира со помош на креативната агенција Science & Sunshine.