Деновите околу Новата Година најмногу ги очекуваат дечињата, посебно оние кои силно веруваат во легендата за добриот дедо дебелко кој носи подароци на сите кои биле умни во годината што си оди. Меѓу сите тие добри дечиња тука некаде околу нас живеат и Давид, Фехми, Емир, Едон, Никола, Реис, Ана, Мерџан, Дилара.
Тажно е што деновите им поминуваат на детската клиника на одделот за онкологија. Тие имаат помеѓу 2 и 13 години, секој со своја новогодишна желба, а нивните родители само една. Истата им ја посака и Кирил Лазаров и неговите пријатели од “Форца”.
При посетата тој им ги даде подароците кои беа нивни желби упатени до Дедо Мраз. Меѓу дечињата најголем беше Мерџан кој има 13 години и веќе не верува во Дедо Мраз но го препозна Кире, видно возбуден што е во неговата болничка соба, на средбата му посака многу среќа на престојното Светско Првенство и му го покажа телевизорот на кој ќе го гледа и ќе навива за Македонија. Капитенот му вети дека до почетокот на Мундијалот ќе му испрати и дрес за Мерџан да биде вистински навивач.
Дел од дечињата беа заминати за празниците дома, а нивните подароци од Кире и “Форца” медицинските сестри ги ставија под елката и ќе им ги дадат кога ќе се вратат во болница. Кире им посака на сите дечиња многу здравје и им вети повторна средба.