Кога е во прашање еднаквоста на работното место, регионот на Блискиот Исток и Северна Африка заостанува зад остатокот од светот, при што се проценува дека губи 575 милијарди долари годишно поради социјалните бариери со кои се соочуваат жените на работа. Тоа е проблем кон чие рашавање е посветена технолошката компанија Lenovo, која се здружи со агенцијата Wunderman Dubai за да создаде кампања за подигнување на јавната свест во пресрет на Меѓународниот ден на жената.
Како медиум за реализација на оваа кампања и испраќање на пораката за полова еднаквост на работното место, беше искористен Microsoft Word – компјутерска програма која луѓето секојдневно ја користат на работа.
Имено, тимот на Wunderman и Lenovo развија плагин за MS Word, наречен “Equality Spell Check”, кој подвлекува навидум позитивни секојдневни зборови кои се употребуваат на работа како да се грешни. При кликнување на зборот, се појавува алтернативна дефиниција и цврсти статистички факти кои се однесуваат на нееднаквоста на жените на работното место.
Преку модификувањето на една од најупотребуваните програми во светот, од Lenovo се надеваат дека ќе придонесат кон подобрување на однесувањето на луѓето на работното место и ќе отворат дискусија за половата (не)еднаквост. Кон кампањата почнаа да се приклучуваат голем број на компании од регионот, инсталирајќи го плагинот на своите компаниски компјутери.