Јапонскиот бренд на луксузни возила Lexus, дел од Toyota, го претстави концептот за својот нов електричен модел LF-ZC, во рамки на годинешниот Саем за автомобили во Јапонија.
Според брендот, се работи за возило кое ги демонстрира најновите достигнувања во технологијата на призматични батерии. Автомобилот ќе има извонреден досег од околу 1000 километри со само едно полнење, позиционирајќи го како огромен конкурент на пазарот на електрични автомобили, со двојно поголем опсег од Tesla Model 3.
Во поглед на дизајнот, LF-ZC нуди елегантен и модерен изглед со низок покрив и издолжена шофершајбна која овозможува широко видно поле за возачите. Во внатрешноста има контролни екрани од двете страни на воланот, табла со инструменти и дисплеј со пристап до низа мултимедијални функции, кои што треба да обезбедуваат модерно и интуитивно искуство во возењето.
Инструментите ќе функционираат врз основа на софтверска платформа „Arene OS“, која овозможува напредни безбедносни карактеристики и ажурирања преку интернет. Една значајна карактеристика на LF-ZC е неговиот „асистент“ со вештачка интелигенција, кој може да одговара на гласовни команди, да нуди насоки и да го прилагодува режимот на возење врз основа на однапред поставени шеми на возење и расположението на возачите.