Аукциската куќа Rago/Wright од Чикаго ќе одржи спектакуларна аукција на 49 различни часовници, од кои секој некогаш стоел на раката на некоја влијателна личност. Најмногу внимание, секако, предизвикува личниот часовник на Папата Франциск.
Се работи за едноставен пластичен Swatch часовник со црно ремче и бел бројчаник, кој ќе се продава заедно со неговата оригинална кутија. Откако ја презеде највисоката функција на Католичката црква во 2013 година, Папата Франциск е виден во бројни наврати како го носи токму овој часовник.
Аукциската куќа проценува дека ова уникатно парче може да достигне цена до 100.000 долари.
Аукцијата се одржува како дел од часовничарската иницијатива Once Upon a Time Watch Project со цел поддршка на Фондацијата за стипендии Brian LaViolette. Оваа фондација била основана во чест на Брајан ЛаВиолет – средношколец од Висконсин кој трагично загинал во пливачка несреќа во 1992 година. Неговите родители ја основале фондацијата за да им помогнат на непривилегираните деца ширум светот да постигнат квалитетно образование, а од своето основање, фондацијата доделила 1.000 стипендии.
Еден од пријателите на ЛаВиолет станал католички свештеник и успеал да стапи во контакт со Папата, кого потоа го прашал дали би сакал да се приклучи на аукцијата. Биле потребни повеќе од шест месеци, но на крајот, Папата се согласил да го донира својот часовник.
Оној што ќе го купи часовникот ќе добие и писмо за автентичност, потпишано од личниот секретар на Папата – Фабио Салерно.