Социјалната платформа за вмрежување LinkedIn и телекомуникациската компанија Verizon склучија партнерство за лансирање на нова поткаст-платформа, која ќе се вика LinkedIn Podcast Network.
Одлуката доаѓа во време на забрзан раст во популарноста на поткастите како медиумски производ. Од LinkedIn веруваат дека нивната платформа ќе придонесе кон трансформација на поткастирањето во индустрија ориентирана повеќе кон заедницата и слушателите, односно проширување на опсегот на интеракции помеѓу поткаст-креаторите и слушателите.
Платформата ќе ги користи експанзивните и динамични можности на LinkedIn за вмрежување, сé со цел да изгради посилни врски помеѓу креаторите и слушателите. Новата поткаст-платформа ќе им овозможи на креаторите да споделуваат и дополнителни содржини со своите слушатели, како „постови, видеа, њузлетери, настани во живо и многу повеќе“ – посочуваат од LinkedIn.
„Лансирањето на LinkedIn Podcast Network ја засилува нашата мисија за доставување на оригинални содржини до нашите 810 милиони членови и нови начини на поврзување со нивната заедница. Ние сме возбудени за моментумот кој го има поткаст-индустријата и секогаш работиме на тестирање и унапредување на алатки, како њузлетери и аудио-настани, кои ќе им помогнат на креаторите да се поврзуваат со огласувачите“ – истакнува Гијанда Сачдева, потпретседателка за продукт-менаџмент во LinkedIn.