LinkedIn веќе некое време развива сервис кој треба да ги поврзе луѓето и компаниите кои бараат услуги како дизајн, развој на софтвер и слично, со фриленсери кои ги нудат овие услуги.
LinkedIn, социјалната мрежа наменета за бизнис корисници во сопственост на Мајкрософт, во втората половина на годината има намера да лансира нов сервис кој ќе биде наменет за фриленсери. Според луѓето запознаени со плановите на компанијата, можеме да очекуваме услуги слични на оние што веќе ги обезбедуваат компаниите како Fiver и Upwork, односно преку LinkedIn во иднина ќе може лесно да се поврзат луѓето и компаниите кои бараат некои деловни услуги (како на пр. развој на апликации и софтвер, веб-страници, графички дизајн итн.) и фриленсерите кои нудат такви услуги.
Со новата услуга, која би можела да се нарече LinkedIn Marketplace, компанијата очекува зголемување на бројот на корисници, но, секако, и нови извори на приход на пазарот кој постојано расте и со пандемијата добива нов замав. Во текот на изминатата година, забележан е голем пораст на корисниците на LinkedIn кои на своите профили напишале дека се “open for business“, а забележана е поголема понуда и побарувачка за разни хонорарни услуги меѓу корисниците на мрежата, особено во категории како што се маркетинг, дизајн, развој на софтвер и слично, како што изјави за медиумите портпаролката на компанијата Сузи Овенс. Таа потврди дека преку оваа социјална мрежа, корисниците во иднина ќе добиваат нови можности преку кои ќе ги нудат своите услуги директно од нивниот профил на LinkedIn, иако не го спомна директно Marketplace.
Што се однесува до големината на пазарот што го напаѓаат, доволно е да се разгледаат приходите на Fiver и Upwork, кои минатата година пораснаа за вкупно 37 проценти во споредба со 2019 година и изнесуваат околу 550 милиони долари. LinkedIn, секако, оствари многу поголеми приходи, кои достигнаа речиси 9 милијарди долари како резултат на претплатите на нејзината мрежа и рекламирањето.
.