Популарниот дански актер Мадс Микелсен се враќа во улогата на бренд амбасадор на пивото Carlsberg во нова кампања за британскиот пазар, овој пат со цел да ги промовира дополнителните активности на Фондацијата Carlsberg во сферата на науката, културата и земјоделството.
Во главниот спот на кампањата, костумосаниот Микелсен со пиво во рака излегува од некој елитен бар и ги води гледачите на хумористично патување низ различни сцени во кои ги објаснува заложбите на компанијата за вложување во науката, за поддршка на уметниците, но и за унапредување на земјоделството и регенеративното производство на јачмен – за секогаш да има пиво и во иднината, се разбира!
Директорот за маркетинг на Carlsberg, Сем Џонсон, по повод кампањата истакна: „Навистина сме возбудени што за прв пат ја споделуваме приказната за Фондацијата Карлсберг со публиката во Обединетото Кралство. Фондацијата навистина го илустрира нашето уверување дека преку правењето на подобро пиво, можеме да направиме и позитивни промени за општеството, па затоа е одлично да можеме да ги насочиме рефлекторите кон напредокот што нашите пива го потпомагаат. А, ние сме задоволни што уште еднаш ќе се здружиме со Мадс Микелсен за да помогнеме во оживување на оваа фантастична приказна“.
Кампањата е создадена и се рализира во соработка со агенциите Grey Europe, AKQA Denmark, VMLY&R Commerce и продукциската компанија MYGOSH & Canada.