Јануарскиот број на италијанскиот моден магазин Вог ќе биде објавен без фотографии и фото модни едиторијали. Оваа одлука ја донесе уредништвото на италијанското издание на магазинот.
На насловната страница и внатре во магазинот ќе се најдат илустрации. Одлуката е донесена со цел овој број да се реализира без патувања, испраќање облека или загадување од било кој вид.
Уредникот на италијанскиот Вог, Емануел Фарнети, во изјавата објавена на веб-страницата на магазинот наведе дека со ваквата одлука сакал да испрати порака.
„Во глобалната дебата за одржливоста и вредностите кои Вог ќе настојува да ги промовира во текот на следната деценија, има еден аспект што е особено важен – интелектуалната искреност. Во нашиот случај, тоа значи да се признае дека постои значајно влијание врз животната средина поврзано со издавањето на модниот магазин“, напиша Фарнети.
Уредникот на списанието објасни дека на изданието на септемврискиот број работеле 150 луѓе, кои заради својата работа биле на 20 авионски летови и десетици пати патувале со воз. Тој укажа и на потрошувачката на електрична енергија, пластичен отпад и големата количина фрлена храна обезбедена за фотосесии.
За илустрациите во првиот број на изданието за оваа година се ангажирани јапонскиот илустратор Јошитака Амано, сликарот со потекло од Мозамбик, Каси Намода и италијанскиот стрип уметник, Мило Манара.
Пред јавноста, Вог претстави седум различни насловни страници, кои се дело на различни автори.