Уредникот на британскиот магазин Вог Едвард Енинфул објави дека изданието во кое Меган Маркл беше гостин уредник е најбрзо распродадениот број на овај магазин во Велика Британија.
За да го прослави ова, Маркл објави на Инстаграм снимка каде таа и Едвард зборуваат за ова значајно издание.
Видливо расположена и насмеана во еден момент, таа му поклонува шешир на Едвард, додека Едвард Енинфул смета дека Меган е роден уредник.
„Никогаш не сум видел нешто слично. Бевте вклучена во целиот процес од почеток до крај“, истакна Енинфул. Тој додаде дека бил многу возбуден кога одел во Кензингтонската палата за да се сретне со Меган.
Војвотката истакна дека модниот елемент на магазинот сепак им го оставила на професионалци.
„Единствено што ги прашав беше: Дали сте запознаени со кралскиот моден стил и кодексот на облекување?“ и „Можете ли во овај број да претставите облека која што е направена од одржливи материјали?“. Тогаш без проблем, сѐ им препуштив на професионалци“, изјави Меган.
Уредникот рече дека војвотката сакала фокусот да биде на жените кои го менуваат светот и прават неверојатни работи затоа што токму тоа е суштината на британскиот магазин „Вог“.
Маркл се осврна и на сега познатото огледало што го постави во центарот на насловната страница.
“За среќа, огледалото го најде своето место на насловната страница. Сакав секој што го купи списанието да се види во него. Многу сум горда што го постигнавме тоа”, вели Меган Маркл.
Кога за прв пат беше објавено дека Меган ќе биде гостин уредник на септемврискиот број на „Вог“, таа издаде соопштение:
„Изминатите седум месеци беа многу драгоцени за мене. Соработката со Едвард која имаше за цел да го насочиме фокусот на магазинот на одредени вредности, причини и луѓе кои денес го менуваат светот, е непроценлива. Се надевам дека сите ќе можат да ја почувствуваат силата на колективот во разновидниот избор на жени кои што ги избравме за насловната страница. Се надевам дека публиката ќе се чувствува инспирирана како што сум и јас од „моќта на промените“ кои ќе ги пронајдат на овие страници “.