Во својот последен извештај за глобалниот пазар на огласување, Magna –истражувачка агенција во рамките на IPG Mediabrands во чијшто состав работи и агенцијата UM, истакнува дека светската индустрија на огласување во 2016 година достигнала 460 милијарди евра, со пораст од 5,7 %. Извештајот открива дека токму 2016 година бележи најголем раст во последните шест години благодарение на растот на огласувањето во областа на социјалните мрежи и интернет пребарувањето.
Глобално, инвестициите во сферата на огласувањето се зголемиле за 5,7% во 2016 година, до износ од 460 милијарди евра. Ова е во голема мера во склад со прогнозата на Magnа од јуни 2016 година, која предвидувала раст од 5,4 %. Најголем допринос за раст имаат САД (6,9 %), Кина (7,2 %), Австралија (7,4 %) и Велика Британија (5,2 %).
“Големите телевизиски настани во текот на 2016 година (изборите во САД, UEFA турнирот, Олимписките игри и Јужноамериканскиот фудбалски шампионат) ја зголемија продажбата на огласите и покрај значајно пониските рејтинзи од очекуваните”, е коментарот на Magnа за настаните, од кои влијанието на пазарот бил очекуван.
Меѓутоа, Magna предвидува намалување на глобалниот раст на огласување на +3,6% во 2017 година, заради економската и политичката несигурност и недостатокот на големи ТВ настани во 2017 година.
Растот во 2016 година е резултат на растот на дигиталното огласување
Не изненадува дека растот во текот на 2016 година е резултат на продажбата на дигиталните огласи која на светско ниво порасна за 17%, додека офлајн продажбата на огласите (ТВ, печат, радио и OOH) стагнира, односно бележи раст од 0,3 %. Да не беа големите телевизиски настани, продажбата во офлајн медиумите би се намалила за -2 % во однос на резултатите од 2015 година.
Глобален преглед за 2017 година
Magna предвидува намалување на растот на индустријата на огласувањето на светско ниво и тоа на 3,6 % во 2017 година, заради недостаток на големи телевизиски случувања, како и поради економска и политичка “неизвесност” на неколку пазари, како што се Брегзит процесот, новиот претседател на САД и општите избори во Германија и Франција. Освен тоа, се наведува дека тоа ќе биде најниската стапка на раст забележана во 15 години, освен големата рецесија во 2008-2009 година.
“Очекуваме дека растот на продажбата во областа на дигиталните медиуми повторно да порасне двоцифрено (13 %), додека онлајн продажбата на огласите ќе се намали за 2 %. Продажбата на огласите на телевизија и радио ќе биде во суштина иста, со благо намалување од 0,1 % и 0,9 % респективно, додека продажбата на огласите во печатените изданија ќе продолжи да опаѓа за 9 %, а OOH ќе одржи раст од 3,7 %.
Централна и Источна Европа: Закрепнување на пазарот
Раст во 2016 година за +6,0 %, а за 2017 година се прогнозира +5,6 %
Инвестициите во индустријата на огласувањето во Централна и Источна Европа ќе пораснат за +6,0 % во 2016 година на 16 милијарди долари, малку над претходните очекувања (јуни 2016: +5,4 %). Растот на потрошувачката во 2017 година малку ќе се намали, односно ќе дојде до +5,6 %
Телевизијата и понатаму е доминантен формат на медиум во Централна и Источна Европа, што претставува нешто повеќе од 42 % од вкупното огласување, или 7 милијарди долари пред дигиталните медиуми, кои претставуваат 35 % од вкупниот буџет за огласување. Се очекува дека огласувањето на дигиталните канали ќе ја надмине телевизиската потрошувачка до 2018 година, меѓутоа, тогаш двата сегменти ќе претставуваат нешто повеќе од 40 % од вкупниот буџет за огласување. Најголем дел на раст во регионот во 2016 година дојде од продажбата на дигиталните огласи, која се зголемила за +15 %, а во однос на телевизијата и OOH респективно расте +4 % и +2%. Продажбата на радио реклами стагнирала, а продажбата во печатените медиуми продолжила да се намалува.
Во рамките на областа на дигиталното огласување, растот во Централна и Источна Европа е конценриран во два формати: пребарување и социјални мрежи. Огласувањето на мобилните уреди продолжува да расте во уделот на вкупната дигитална потрошувачка, со повеќе од третина од вкупната продажба на дигитални огласи во Централна и Источна Европа во 2016 година, растејќи речиси 50 %. Не е случајност што форматите кои се адаптирани најбрзо на мобилно огласување се пребарување и социјални мрежи, со оглед на тоа дека 37 % од пребарувањата во 2016 година се реализирани на мобилните уреди, а речиси 2/3 од вкупната потрошувачка на социјалните мрежи се реализира на мобилните уреди. До 2021 година, потрошувачката на огласувањето по пат на мобилните уреди ќе претставува 60 % од CEE инвестициите во дигиталното огласување, односно речиси 30 % од вкупниот буџет за огласување во регионот.