Технолошкиот гигант Apple објави хумористичен краток филм преку кој ги промовира своите заложба за еколошка одржливост.
Главна ѕвезда на новата реклама е американската актерка Октавија Спенсер која ја толкува улогата на „Мајката природа“, земјаќи учество во комично-тензичен состанок со бордот на директори на Apple. За време на состанокот на кој учествува и извршниот директор Тим Кук, таа ги испрашува за низа теми како што се чистата енергија, материјалите и транспортот. На тој начин, „Мајката природа“ врши притисок врз лидерите на Apple во врска со нивните напори да ја достигнат целта за јаглеродна неутралност до 2030 година.
Спотот всушност се обидува да направи симболичка субверзија на перцепираните односи на моќ во општеството, така што најмоќните луѓе во една од најмоќните светски компании ги става во подредена положба на „повисок авторитет“. На тој начин ја нагласува нивната „човечност“, укажувајќи на тоа дека судбината на сите луѓе е подеднакво зависна од состојбите со животната средина. Општествениот статус би бил безначаен, доколку нема каде да се живее.
Краткиот филм е режиран од страна на Рис Томас од продукциската компанија Stink Films, а самиот концепт е осмислен од внатрешниот креативен тим на Apple.