Кошаркарската легенда Мајкл Џордан триумфално се врати на теренот во новата кампања за Nike – спортскиот бренд кој пред 39 години за него ги направи првите „Џорданки“ (Air Jordans).
Во централниот спот на кампањата насловена “Beyond” („Понатаму“), повеќе млади луѓе се собираат на затворено кошаркарско игралиште во Париз за да разменат неколку кошаркарски проигрувања и трикови, за потоа да добијат неочекувана средба со својот кошаркарски идол.
Кампањата е наменета да шири радост и надеж за „иднина што копнееме да ја видиме и да бидеме дел од неа“ – според описот на самиот бренд.
„Пред многу години, младиот Мајкл Џордан се опремуваше за својот прв претсезонски натпревар во НБА. Тој на теренот ги носеше своите новопроизведени патики. Знаеше дека тоа ги крши правилата на НБА, но не му беше грижа. Бидејќи знаеше дека со овие чевли, неговата Легенда ќе полета“ – посочува Шенон Воткинс, генерална маркетинг директорка за брендот Jordan при Nike.
Кампањата е создадена во партнерство со креативната агенција Uncommon Creative Studio.