Македонија 2025 и Фондацијата „Атанас Близнакоф“ од САД распишаа отворен повик за доделување на 40 (четириесет) стипендии за талентирани студенти „Атанас Близнакоф„ за учебната 2023/2024 година.
Стипендиите се доделуваат на редовни студенти кои ќе се запишат во прва година на прв циклус на студии на сите факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј„ во Скопје. Истите се доделуваат на студенти кои постигнале исклучителни резултати и успех во средното образование, имаат достигнувања и мотивација за личен и професионален развој, но и кои немаат доволно средства за продолжување на образованието на факултет или област од интерес. Висината на стипендијата изнесува 2,500 американски долари годишно, по лице, и претставува највисок фонд за доделување на стипендии во нашата земја. Корисниците на стипендијата кои редовно и со успех ќе напредуваат во студиите можат да ја користат стипендијата сé до завршувањето на студиите од првиот циклус.
Ова е втора година како организацијата Македонија2025, го администрира изборот на стипендисти преку Атанас Близанкоф програмата за студентска извонредност. Во 2021 година, Македонија2025 (Фондација МК2025) беше назначена да го спроведе отворениот повик за стипендирање на 40 средношколци кои започнуваат прва година на студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за академската 2021/2022 година. Таа година, наместо првично планираните 40 стипендии, „Фондацијата Атанас Близнакоф“ во САД одлучи да додели 132 стипендии за усовршување на студентите. На секој примател му беше доделена стипендија од 120.000 МКД годишно (што беше еднакво на 2.500 УСД). Како резултат на тоа, во 2022 година, Каталист, регионална фондација со седиште во Белград посветена на поттикнување и трансформирање на филантропијата во земјите од Западен Балкан, ја вклучи програмата за стипендии „Атанас Близнакоф„ на Македонија2025 во својот „ Giving North Macedonia 2021: Report on the State of Philanthropy “ како една од Шампионите на филантропијата – истакнувајќи ги добротворните иницијативи кои имаа значително влијание во 2021 година. Од 2023 година, Македонија2025 го продолжува своето партнерство со „Фондацијата Атанас Близнаков“ во САД за да ги администрира претстојните отворени повици и да обезбеди континуитет на правата за стипендирање на сегашните стипендисти.
Основоположник на Фондацијата Атанас Близнакоф бил иселеникот Атанас Близнакоф, роден во 1901 година во костурското село Д’мбени. Во 1920 година го напуштил родниот крај и заминал во САД каде што живеел и работел до 1976 година кога и ја основал фондацијата. Неговата фондација е прва и најголема фондација на македонски иселеник.
Македонија2025 сака да изрази благодарност до „Фондацијата Атанас Близнакоф“ во САД за поддршката на студентската извонредност во Македонија, за поттикнување и развивање на талентот, создавање на врвни професионалци и лидери кои ќе носат позитивни промени во општеството и економијата.
Краен рок за аплицирање на повикот е 15 октомври 2023 година.
Повеќе информации околу условите за аплицирање за стипендијата можат да се најдат на следниот ЛИНК.