Македонското решение ASAP на стартап компанијата Елевејт глобал (Elevate global) е меѓу победниците на инвестицискиот ден (BETAPITCH Global & Investors Day) на глобалниот стартап центар Бетахаус во Берлин, Германија. Компанијата Елевејт глобал освои парична награда од 5.000 евра за ова иновативно решение, кое претходно победи на првиот Betapitch настан во Македонија, кој се одржа во Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ при Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје.
Елевејт глобал е спинофф компанија од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ која креира решенија предиктивна и прескриптивна анализа на потоци од податоци во реално време (predictive and prescriptive analytics of data-streams in real-time). Решението насловено како ASAP е наменето за фабрики, енергетски компании и компании што нудат комуникациска инфраструктура. Во моментов, ова решение може да извлекува знаење преку брза анализа на сензорски, геолокациски и текстуални податоци.
„Глобалниот Betapitch не е само да се биде на дел од светската старат сцена, туку да се презентира сработеното пред повеќе од 100 стартапи, 300 инвеститори, корпорации и професионалци од индустријата. Претставува добар почеток за отворање канцеларија на Елевате глобал во Берлин, кој во последно време е „главен град“ на стартапите во Европа“, вели Александар Стамболиев од „Фондацијата проф. д-р Димитар Стамболиев“.
Локални партнери за Бетапич за Македонија се Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ при Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје и Фондацијата проф. д-р Димитар Стамболиев. Бетахаус, преку локалните проекти Betapitch патува низ целиот свет, барајќи ги најиновативните стартап компании кои може да направат светски производ. Годинава, натпреварот се одржа во 15 различни града во светот а победниците се собраа во Берлин и се натпреваруваа за некоја од главните награди.
Повеќе информации за Елевејт глобал на http://www.elevate-global.biz/