Протестите во Портланд како одговор на убиството на афроамериканецот Џорџ Флојд продолжуваат веќе 70 дена во континуитет. Доколку на тоа се додаде колапсот на економијата како резултат на „Ковид-19“, разбирливо е дека локалните бизниси во градот се соочуваат со скоро никакви шанси за опстанок.
Трговијата во центарот на градот е стопирана како резултат на немирите, па градот изработи план, со цел да помогне во закрепнувањето на бизнисите, но судејќи според реакциите, некои се загрижени дека оваа акција е „премногу мала“ и дека за тоа е „премногу доцна“.
Агенцијата North се надева дека малите билборди, залепени низ целиот град, ќе помогнат во подигнување на свеста на граѓаните. Бесплатната кампања е дел од програмата „Save our Shops“ и локалната заедница, која ги охрабрува луѓето да ги поддржат своите омилени локални бизниси.
„Веднаш беше јасно дека многу наши независни трговци на мало ќе бидат во голема неволја“, рече Ребека Амстронг, извршен директор на агенцијата North. „Ние сме поврзани со нашата заедница и една од карактеристиките што го дефинира Портланд се малите населби и малите, уникатни и независни бизниси. Сфативме дека ако продолжи ова, постои голем ризик да го изгубиме економскиот двигател на Портланд и карактерот на овој град, па чувствувавме потреба да направиме нешто “.
Користењето на мали билборди е тактика што веќе ја користеа и други брендови. „Идејата да користиме нешто необично, совршено одговара на Портланд“, додава Армстронг.