Актерите Марк Хамил и Сер Патрик Стјуарт, попознати во популарната култура како Лук Скајвокер од Star Wars и капитен Жан-Лук Пикард од Star Trek, го остваруваат вечниот сон на фановите на научната фантастика, соочувајќи се на двобој во новата кампања на сервисот за достава Uber Eats.
Главниот спот во кампањата ги сместува двете научнофантастични ѕвезди во темно и напуштено стовариште, подготвувајќи се за двобој. Хамил држи бејзбол палка (Америка), додека пак Сјуарт држи палка за крикет (Британија). Двајцата почнуваат да се расправаат во однос на своите преференци за исхрана и правилниот изговор на исти англиски зборови. Но, пред работите да ескалираат, ѕвончето ѕвони и доставувачот на Uber Eats го смирува конфликтот, доставувајќи им го посакуваниот оброк и на двајцата.
Кампањата вклучува уште два пократки спотови, во кои ги гледаме Хамил и Стјуарт како играат воздушен хокеј, односно друштвената игра Connect Four.
Креативната агенција која стои позади кампањата е Special Group, продукциската куќа е Smuggler, а режисер на спотовите е Гај Шелмердин.