Со особена радост го најавуваме ФИЈУК Македонија во дворот на Библиотеката „Браќа Миладиновци“ во Скопје, во дневна варијанта од 14 до 21 часот на 20-ти мај 2023-та година. На ФУЈИК САЕМ ќе учествуваат 20-тина излагачи и ќе го отвориме со три мини соло изложби и работилница за колаграфија, а ќе го затвориме со музика и Гола Планина Колектив.
Марта Патлиџанковска – „Уживање“
Уметница која се изразува преку ликовната уметност и различните методи на сликање. Со истражување на сликарството и начинот на сликање, нејзината интензивна палета на бои ги претвора белите неоптегнати платна во егзотични слики со експресивни потези, различни структури и јарки бои. Прикажувајќи ја енергијата и емоциите преку портрети, пејзажи или мртва природа, Марта не носи во еден сосема поинаков игрив и шарен свет, каков одамна не сме виделе околу себе.
Покрај Марта, свои соло изложби на овогодишниот ФУЈИК САЕМ ќе имаат и Алиса Лаурешес и Владимир Муратовски.
Исто така на овој ФИЈУК САЕМ со радост најавуваме работилница за печатење колаграфија од 16 до 18 часот со Алиса Лаурешес и Ана Трајковска.
ФИЈУК ќе го затвориме со Отворена музичка џем сесија на Гола Планина Колектив, најавена од 19:30 до 21 часот.
ШТО Е ФИЈУК САЕМ?
ФИЈУК САЕМ е настан инициран од колективот Матријаршија во Белград, со цел да собере на едно место што поголем број на мали издавачи кои се бават со уметничка продукција, со цел нивно поврзување, вмрежување и поголема видливост. Истиот се шири во овој формат и под ова име и во Хрватска, Шведска, Словенија со повремени настани кои привлекуваат значителен број на публика и е секогаш поддржан со музичка програма.
ФИЈУК САЕМ го задржува својот специфичен идентитет со една единствена цел, да презентира нови возбудливи изданија и да овозможи нивен понатамошен живот. Досега е одржуван три пати на БОШ Фестивал, а со неговото прво издание во Скопје, го најавуваме 15-тото издание на фестивалот кој ќе се одржи оваа година од 18-ти до 20-ти август во Гевгелија.
Фијук е место на нови идеи, реализирани во различни материјални форми, графики, плакати, постери, музика, мапи, арт книги, фотографии или монотипии. Фијук е простор за средби, размени, разговори, љубови и симпатии, каде ќе го најдете она парче среќа што долго го баравте.
Почувствувајте го пулсот на локалната независна уметничка сцена!
Повеќе информации и целосната листа на учесници на овогодинешниот ФИЈУК САЕМ се достапни на официјалниот Фејсбук настан на следниот линк.