Германскиот производител на продукти за лична нега Beiersdorf, под чија капа се наоѓа брендот Nivea и уште неколку други, воспостави нов оперативен модел за употреба на медиумите и ја назначи агенцијата OMD како единствен медиски партнер за пазарите во Европа и Северна Америка, но и како консултантски партнер за развој на својата глобална медиска стратегија.
Новата агенција и новиот медиумски модел на работа треба да доведат до поефикасно делување во иднината, ставајќи ја во преден план дигиталната експертиза, употребата на податоците и технологијата. Некои делови од медиумските задолженија ќе бидат групирани и изведувани од определени центри, така поставувајќи ги темелите за зголемена брзина, транспарентност и автоматизација на процесот.
OMD Worldwide важи за една од најголемите медиски агенции во светот. Таа е дел од Omnicom Group, со седиште во Њујорк и веќе има работено со Beiersdorf на неколку светски пазари. Новиот мандат за OMD обезбедува рамка за сите брендови на Beiersdorf AG, вклучувајќи ги Nivea, Eucerin, Hansaplast, Coppertone, Labello и други.
Од компанијата им се заблагодаруваат на своите долгорочни стратешки медиски партнери за нивното посветено учество во процесот на ревизија и избор на медиска агенција.
Beiersdorf е еден од најголемите производители на продукти за лична нега во светот, остварувајќи продажби во вредност од 8.8 милијарди евра и оперативни приходи од 1.2 милијарди евра во 2022 година. Компанијата вработува над 20.000 луѓе на глобално ниво.