На крилјата на новостекнатата популарност на Барби, американскиот производител на играчки Mattel го најави отворањето на авантуристички парк кој „ќе ги оживее сите ваши омилени играчки“.
Паркот ќе биде лоциран во градот Глендејл во сојузната американска држава Аризона, а ќе се простира на повшрина од девет хектари. Изградбата на авантуристичкиот паркот е овозможена преку заедничко партнерство помеѓу Mattel, градежната компанија Epic Resort Destinations и други партнери.
Градежните зафати на паркот се веќе започнати, а два тобогани се речиси готови: “Hot Wheels Bone Shaker” и “Hot Wheels Twin Mill Racer”, кои според името се инспирирани од брендот на автомобилски играчки “Hot Wheels”.
За фановите на Барби се предвидени два објекти: “Barbie Beach House” и “Barbie Dream Closet Experience”, при што овој вториот ќе вклучува технологија на холограми со помош на која популарната кукла ќе биде „оживеана“ во природна големина.
Паркот ќе вклучува и забавни содржини поврзани со брендовите “Master of the Universe” и “Thomas & Friends: World of Sodor”, како и терен за мини голф инспириран од “Pictionary” и “Magic 8 Ball”.
Авантуристичкиот парк е планирано да биде готов и отворен за посетители во текот на следната 2024 година.