На 26 и 27 ноември во Белград се одржа јубилејното 10-то издание на фестивалот на интегрирани комуникации KAKTUS, кој за прв пат оваа година доби и регионален карактер.
Имено, почнувајќи од оваа година, во натпреварувачкиот дел на фестивалот можеа да аплицираат компании и агенции од целиот регион, вклучувајќи ги Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Македонија и Црна Гора.
Како дел од свечената церемонија на Kaktus 2024 во Белград беа доделени награди во вкупно 25 категории, и тоа на организации, компании, институции и агенции за најквалитетни и најпрофесионално реализирани поединечни и интегрирани кампањи во изминатата година.
Притоа, македонската агенција McCann Skopje освои две награди за кампањата „Стартап пакет“ („Start-up package“), реализирана во соработка со клиентот Халкбанк АД Скопје.
Македонската агенција е инаугурален освојувач на награда во новата категорија за дигитални поткасти („Digital-Podcast“), а другата награда ја освои во категоријата за поединечни проекти за најдобро надворешно огласување („Outdoor“).
Кампањата „Стартап пакет“ е инспирирана од приказните за почетоците на голем број познати светски брендови, кои што својот бизнис го започнале во гаража. Целта е мотивација на сите млади луѓе кои што сакаат да започнат бизнис врз основа на некоја лична идеја. Притоа, со поставените мотивирачки пораки на скопските гаражи, клиентот Халкбанк се позиционираше како искрен поддржувач на претприемачите чии идни проекти ќе ја обликуваат и ќе ја унапредат македонската економија.
Да потсетиме, оваа кампања на агенцијата McCann Skopje и клиентот Халкбанк АД Скопје исто така беше наградена со две награди на меѓународниот огласувачки фестивал Golden Drum 2024, при што McCann Skopje се здоби и со титулата за „Агенција на годината во Јадранскиот регион“.