Брендот за брза храна McDonald’s се здружи со креативната агенција TBWA\Paris со цел да создаде прекрасна реклама за францускиот пазар, фокусирана на оброкот за деца Happy Meal.
Рекламата насловена „Livre“ („Книга“), ја илустрира бујноста на детската фантазија при читањето приказни пред спиење. Видеото отпочнува со сцена во која мајка и ќерка пловат на кревет по река, како да се работи за сплав. Потоа следи авантура во која се соочуваат со различни пејсажи, ситуации, па дури и живо плишано мече.
Патувањето завршува кога креветот удира во ѕидот од детската соба, каде всушност и се одвивала целата „авантура“.
Брендингот во рекламата е минимален, односно го гледаме дури на самиот крај преку празна кутија на Happy Meal, која е пренаменета да служи за чување на книги.
На крајот се појавува и слоган кој вели: „Споделувањето на приказна е споделување на авантура. Веќе 60 милиони приказни се споделени со Happy Meal.“
Од 2015 година, McDonald’s во Франција започна со практика да нуди и книга наместо играчка со секој купен Happy Meal.