Американскиот ланец на ресторани за брза храна Мекдоналдс го изгуби правото на заштитниот знак “Биг Мек” на подрачјето на Европската унија (ЕУ), со оглед на тоа што европските регулатори донесоа одлука во корист на ирскиот ланец за брза храна Supermac’s, според која името “Биг Мек” во ЕУ ќе можат да го користат и други компании, вклучувајќи и Мекдоналдс.
Со пресудата, се поништува регистрацијата на заштитниот знак на Мекдоналдс, при што се наведува дека најголемиот светски ланец за брза храна не успеал да ја докаже неговата изворна употреба во последните пет години пред случајот во 2017 година да биде поднесен до надлежните органи.
Од канцеларијата на Европската унија за интелектуална сопственост (EUIPO) со седиште во Шпанија се уште не го коментираат случајот, а за коментар не бил достапен ниту Мекдоналдс, која се` уште има право да поднесе жалба на одлуката, пишува Ројтерс.
Одлуката им овозможува на другите компании, како и на Мекдоналдс да го користат името “Биг Мек” во ЕУ.
Од Supermac’s велат дека сега може да го прошират бизнисот во Велика Британија и Европа. Тие наведуваат дека никогаш немале производ наречен “Биг Мек”, но дека Мекдоналдс ја користи сличноста на двете имиња за да го блокира ширењето на ирскиот синџир.
Основачот на овај ирски синџир, Pat McDonagh вели дека ова е голема победа во настојувањата за укинување на заштитниот знак Биг Мек. “Ова е голема победа за бизнисот воопшто. Тоа спречува поголемите компании да ги “злоупотребуваат заштитните знаци”, со тоа што ги трупаат, а не ги користат“, вели McDonagh.
Мекдоналдс, кој на меѓународно ниво ги продава своите водечки бургери “Биг Мек”, како доказ доставил исписи на европски веб-сајтови, како и постери, амбалажи и писмени изјави од страна на претставници на компанијата кои ја потврдуваат продажбата на бургери “Биг Мек” во Европа .
EUIPO најави дека изјавите на Мекдоналдс треба да бидат поддржани со други видови на докази. Од исписите на веб страниците, “не беше можно да се заклучи дали и како може да се направи купување или нарачка“, велат од таму.
Професорката по право на Универзитетот во Конектикат, Вилаџејн Меклин вели дека историски гледано Мекдоналдс е “крајно парнички настроен” во областа на законот за заштитните знаци и дека своите спорови обично не ги губи.
На пример, во 1993 година, Мекдоналдс доби судски случај со кој спречи стоматолог во Њујорк да продава услуги под назив “McDental”. Потоа, во 2016 година, американскиот ланец спречи обид на сингапурска компанија да регистрира заштитен знак “Maccoffee” на подрачјето на ЕУ.