Брендот за брза храна McDonald’s промовира општествено добро со новата Божиќна кампања за британскиот пазар, насловена The List („Списокот“), која го истакнува чувството на заедништво наспроти материјалноста.
Емотивната реклама ја следи приказната на едно младо момче и неговата мајка додека се подготвуваат за големиот празник. Момчето смислува Божиќна листа на желби која постојано се проширува, додека неговата мајка ги прави сите подготовки. Кулминацијата се случува на Бадник кога момчето го губи списокот, но посетата на McDonald’s го потсетува дека времето поминато со семејството е она што е најважно.
Превртувајќи ја идејата за давање на Божиќни подароци, кампањата ги охрабрува луѓето да состават листа на заеднички активности и искуства што би сакале да ги имаат за време на празникот, а не на материјалните подароци кои би сакале да ги добијат.
Покрај рекламата која ќе се емитува на телевизија, McDonald’s планира да организира и низа Божиќни искуства низ земјата, од светлосни шоуа до пеење песни, во кои секој ќе може да ужива.
Кампањата се реализира со помош на креативната агенција Leo Burnett.