M365: Каква година беше 2018 за Вашиот медиум? По што ќе ја паметите?
2018 можеме слободно да ја наречеме година на инвестиција. Уште од почетокот на годината стартувавме со работа на големиот детски проект „Светот на Биби“. Некаде на средина на годината ни стана јасно зошто во Македонија нема цртани филмови :) . Станува збор за доста скап проект. Среќа што Биби на прва ги освои најдобрите, така што денес може да се пофалиме дека креативен директор на целиот проект е еден од најдобрите светски илустратори – Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, режисер е Гоце Цветановски, сценарист е Билјана Црвенковска, Биби ја толкува актерската ѕвезда во најава Слаѓана Вујошевиќ, а Боби – еден од нашите најдобри актери Сашко Коцев. Проектот официјално почна во октомври и за нецели три месеци бројките се импозантни, речиси 1.000.000 прегледи на каналот на Биби на „Јутјуб“. Сезнајката Биби за кратко време ги освои срцата на сите дечиња. За неколку месеци успеавме да продуцираме неколку видеосодржини, цртани филмови, песничка и сликовница. Се надеваме дека компаниите, како и институциите, ќе најдат интерес и ќе ни се приклучат во овој голем проект. Сепак, се работи за нашите деца.
На 4 април почна со работа порталот Деца.мк, односно семејството на Факултети.мк порасна. Деца.мк за кратко време стана популарен меѓу родителите бидејќи покрај новинарски стории кои третираат најразлични проблеми поврзани со родителството, образованието, но и успешни приказни, имаме и совети од стручни лица – логопеди, дефектолози, психолози, педијатри, ортопеди, стоматолози…
Факултети.мк имаше успешна година. Направивме нов освежен дизајн каде што фокусот го ставивме на нашите авторски информации. Оваа година добивме и две награди. „Гласник на невидливите 2018“ ја добивме за сторијата за учениците од селото Бајловце, а од Советот за етика на медиумите на Македонија добивме пофалница за најдобра новинарска сторија од сферата на општествено-социјалниот живот за серијалот приказни за наставникот Иле Михајловски и неговиот ученик со аутизам.
M365: Како гледате на симбиозата помеѓу ПР и маркетинг-агенциите и медиумите во Македонија?
Имаме супер соработка со сите агенции и медиуми. Професионалната соработка мора да продолжи, мора да функционираме како едно големо семејство доколку сакаме поголеми буџети за онлајн-медиумите и квалитетни содржини.
M365: Која практика на ПР-професионалците ја почитувате најмногу, а која најмногу Ви пречи?
На прсти се бројат ПР-агенциите што работат професионално. Најмногу ги почитувам агенциите што генерираат различни текстови за различни портали. А она што најмногу ми пречи е кога ќе видам еден ист комерцијален текст објавен на 20 портали, со ист наслов, иста фотографија и иста печатна грешка :)
M365: Какви се Вашите желби за годината што претстои, а се поврзани со медиумската индустрија?
Се надеваме дека 2019 година големите компании ќе го зголемат маркетинг-буџетот за онлајн-медиумите. Компаниите и маркетинг-агенциите мора да ги поддржат квалитетните и професионални медиуми. Само така ќе се врати професионалноста во медиумскиот простор, која, за жал, не е на високо ниво. Во трката за кликови, кој прв да ја објави веста, се заборава на основното правило во новинарството – да се провери информацијата. Па затоа често се објавуваат непроверени информации и лажни вести. Ова мора да се промени, да се најде начин да се исфилтрираат професионалните медиуми. Можеби треба да се размислува и за некаква регулација на онлајн-медиумите.
За крај да ви се заблагодарам за одвоениот простор и да им посакам на сите среќни новогодишни празници, во 2019 повеќе да се смееме и да читаме позитивни вести.
Најдоброто од Факултети.мк, Деца.мк и „Светот на Биби“ доаѓа во 2019!