MediaXchange со задоволство го објави новото партнерство за соработка со Mediavision за носење на водечките европски продуценти и креатори на најпознатите серии во европска продукција на NEM Zagreb.
За разлика од етаблираниот NEM Dubrovnik, најголемиот телевизиски саем во регионот на Централна и Источна Европа, кој тематски ја покрива целокупната телевизиска индустрија, NEM Zagreb за време на тридневната програма ќе се фокусира на создавањето и продукцијата на телевизиски и филмски содржини.
Овој нов настан во регионот на Централна и Источна Европа ќе содржи панел-дискусии, презентации и тематски предавања, како и проекции на оригинални телевизиски содржини. Во текот на три дена, од 11 до 13 декември, NEM Zagreb ќе се фокусира исклучиво на создавањето на содржини, а една од посебните одлики на ова издание на NEM ќе биде натпревар за сценаристи отворен за сите креативци со идеја за сценарио за серија/филм или некој посебен формат (реалити шоу, квиз, документарна емисија).
„Навистина се радуваме на соработката со Mediavision во претставувањето на овој дел од програмата. Силниот раст на домашен план и големите поместувања во телевизиските платформи во последните неколку години создадоа конкурентен и динамичен пазар во регионот на Централна и Источна Европа. Веруваме дека постојат многу можности за развој на содржините во овој регион и во NEM Zagreb гледаме клучен настан за промовирање на врските кои ќе ги развијат тие нови односи,“ истакна Катрина Вуд, извршен директор на MediaXchange.
Повеќе детали и програмата за настанот наскоро ќе бидат објавени на веб-страната на MediaXchange (http://mediaxchange.com/), а овие информации се веќе достапни на веб-страната на NEM Zagreb (https://neweumarket.com/zagreb/).