Еден од најчестите трендови во исхраната во последите години се „месните“ производи направени од зеленчук. Ваквото „месо“ се најде и како дел од менијата на скоро сите големи брендови за брза храна. Но, американскиот синџир на ресторани за сендвичи Arby’s одбива да се приклучи на трендот и се обидува за започне нов.
Поаѓајќи од својот слоган „Ние го имаме месото“, Arby’s неодамна го претстави својот нов концепт за „зеленчук“ направен од месо, односно месни производи кои изгледаат како зеленчук.
Првиот таков „зеленчук“ е морков направен од мисиркино месо наречен „Marrot“ (meat (месо) + carrot (морков)), што и не е толку „нездраво“ и изгледа некако вкусно.
Според брендот, производот е создаден од 100% маринирани мисиркини гради и специјална маринада од исушен морков. Производот содржи преку 30 грама протеини и претставува одличен извор на Витамин А (повеќе од 70% од препорачаната дневна доза).
Рецептот бил измислен од Невил Крау, потпретседател за кулинарски иновации и извршен готвач на брендот Arby’s, на барање на генералниот маркетинг директор, Џим Тејлор.
„Ми се јави Џим и ми рече дека е време да ја промениме оваа парадигма на трансформација на зеленчук во месо. Си поигравме со неколку идеи и на крај го создадовме првиот месен морков, или таканеречен Marrot,“ посочува Крау.
Од брендот сé уште нема информација уште колку нови „зеленчуци“ ќе бидат создадени, но не ја кријат возбудата од потенцијалните можности.
„Месото создадено врз основа на зеленчук е најновата инкаранација во обидот зеленчукот да се направи да изгледа како она што Американците навистина го сакаат – одлично, вкусно месо. Па, ние си рековме – ако другите можат да прават месо од зеленчук, зошто ние да не направиме зеленчук од месо? Секако 90% од Американците треба да јадат повеќе зеленчук“, истакнува со доза на хумор маркетинг директорот на Arby’s, Џим Тејлор.