Meta, матичната компанија на Фејсбук, размислува за отворање на физички продавици каде ќе може да ги продава своите гаџети, пренесува The New York Times, според внатрешни документи на компанијата до кои дошле новинарите.
Според документите, со помош на физичките продавници, компанијата се надева да предизвика чувства на „љубопитност“ и „блискост“ кај потрошувачите. Притоа, продавниците ќе бидат место каде луѓето ќе можат да ги испробаат и искусат од прва рака уредите кои ги развива Meta, а секако и да ги купат.
Меѓутоа, треба да се истакне дека плановите биле зацртани уште пред една година, пред да дојде до ребрендирањето на компанијата, па нивното остварување е под знак прашалник.
Доколку тие сепак се остварат, се очекува дека првата продавница на Meta би била отворена во Бурлингејм, Калифорнија, а потоа и во други градови, држави и континенти.
Дизајнот на продавниците би бил модерен и минималистички, вклопувајќи се во општата естетика на компанијата.
Првите производи кои би можеле да се најдат на полиците би биле уредите Oculus Quest (хедсет за виртуелна реалност), Portal (уред за видео повици со вклучен гласовен асистент) и паметните наочари направени заедно со Ray-Ban.