Француската холдинг-компанија Publicis Groupe ја искористи својата празнична порака „Корисни желби“ за да ја зголеми свеста за хуманиот папиломавирус (ХПВ).
Пораката ја испраќаат генералниот извршен директор на групацијата Артур Садун и претседателот на надзорниот одбор Морис Леви, на кои им се придружува холивудската легенда Мајкл Даглас. Необичниот празничнен спот има за цел да ја зголеми свесноста меѓу јавноста за влијанието и ризиците од вирусот, истовремено поттикнувајќи ги луѓето да ја примат вакцината против ХПВ.
Притоа, изборот на темата не е воопшто случаен. Актерот Мајкл Даглас се лекуваше од рак поврзан со ХПВ во 2010 година, додека пак Артур Садун беше дијагностициран и лекуван од рак поврзан со ХПВ порано оваа година.
Во спотот, Садун го прекинува извештајот на Леви за успесите на компанијата во 2022 година со статистика за заканата од вирусот. „Морис, 80% од возрасните го имаат овој вирус, кој може да предизвика рак како ракот што го имав јас“, вели тој. Дебатата продолжува по доаѓањето на Даглас, кој доаѓа во посета со мисија „да го пренесе зборот за важноста на оваа вакцина“.
Хуманиот папиломавирус, кој има над 100 варијанти, е поврзан со поголем ризик од рак и кај мажите и кај жените. Но, иако вакцината е достапна за помладите луѓе во повеќе земји, свеста за неа останува на ниско ниво. Според Центрите за контрола и превенција на болести, 80% од возрасните ќе се заразат од вирусот во одреден момент од нивниот живот.