Дипфејк технолгијата (“Deepfake technology”) станува се поголема грижа кога се во прашање манипулациите и ширењето на дезинформации во дигиталното доба. Имајќи го тоа предвид, технолошкиот гигант Microsoft се понуди да помогне во борбата против злоупотребата на дипфејк технологијата преку две нови алатки за проверка и автентификација на онлајн содржините.
Првата алатка е наречена Microsoft Video Authenticator, која ќе може да анализира слики и видеа со цел да даде проценка или сигурна оценка дали тие се вештачки манипулирани. Алатката ќе работи на препознавање на границата помеѓу дипфејкот и оригиналот, врз основа на субтилната градација на елементите.
Втората алатка ќе биде дел од cloud-сервисот на Microsoft наречен Azure и на креаторите на содржини ќе им овозможи да ги означуваат своите слики и видеа со уникатни дигитални сигнатури и сертификати, кои ќе се појавуваат во метаподатоците на содржините при нивното споделување онлајн преку различни медиуми.
Ваквите уникатни означувачи потоа ќе можат да се споредуваат преку екстензија на интеренет прелистувачите, овозможувајќи им на корисниците да го откријат потеклото на содржините и дали тие потоа биле изменувани.
Од Microsoft истакнуваат дека ваквите алатки мора постојано да се подобруваат и надоградуваат со цел да „држат чекор“ со брзиот развој на дипфејк технологијата.