Технолошкиот гигант Microsoft го комплетираше купопродажниот договор за аквизиција на компанијата за развој на видео-игри Activision Blizzard, во вредност од 69 милијарди долари. Со тоа завршува речиси двегодишната борба со глобалните регулатори кои во договорот гледаа потенцијално нарушување на анти-монополските закони.
Договорот мораше да помине низ регулаторниот филтер на повеќе власти, вклучувајќи ги САД, Обединетото Кралство и Европската Унија. Во меѓувреме, Microsoft мораше да побара од Activision тримесечно продолжување на периодот пред договорот да истече. Сепак, после подолг период на перипетија, договорот конечно се реализираше откако последното зелено светло го даде Регулаторното тело за конкуренција и пазари на Обединетото Кралство.
Најголемата аквизиција досега во индустријата за видео игри му дава на Microsoft, инаку производител на конзолите Xbox, посилна позиција во однос на своите конкуренти, искачувајќи се од петтото на третото место на глобално ниво – зад кинескиот Tencent и јапонскиот Sony.